СЕ ДИГИТАЛИЗИРА ПОСТАПКАТА ЗА НОВ ЛЕК НА ПОЗИТИВНАТА АЛИСТА Електронски ќе се внесуваат документите за лекот, најави Алиу
Новиот систем ќе биде во функција веднаш откако ќе стапат во сила измените на прописот со кој се уредува оваа постапка, а кој се очекува деновиве да се објави во Службен весник.
Се дигитализира постапката за ставање нов лек на позитивна листа, најави денеска министерот за здравство Азир Алиу.
Во Министерството за здравство е промовиран нов информациски електронски модул „Систем за евиденција и управување со барањата за Листата на лекови”, кој е изработен од Управата за електронско здравство, во соработка со Секторот за фармација во Министерството за здравство. Тој ќе биде јавно достапен на интернет страницата на Министерството (www.lekovi.zdravstvo.gov.mk). Ќе биде во функција веднаш откако ќе стапат во сила измените на прописот со кој се уредува оваа постапка, а кој се очекува деновиве да се објави во Службен весник.
– Модулот овозможува електронско поднесување на барањата и внесување на неопходната документација за лекот во системот. Документите досега се доставуваа исклучиво во хартиена форма. Со ова се постигнува значителен напредок во дигитализација на одделните процеси на стандардната оперативна процедура на уредената постапка – рече Алиу.
Потенцира дека станува збор за прва електронска евиденција и управување со барањата за Листата на лекови во националниот систем, со што се овозможува и транспарентност на процесот преку достапен јавен портал и следење на одделните процеси и на напредокот на постапката во реално време.
Алиу укажа на придобивките на новиот е-модул, а тие се: подобрено управување со барањата за Листата на лекови и ефикасност на постапката, намалување на административниот товар за фармацевтските компании кои се јавуваат како апликанти во постапката, транспарентност на постапката и размена на информации, прецизна евиденција и управување со поднесоците и лесен пристап до податоци и унапредување на пристапот за лековите на позитивна листа.