Се делат антибиотици како бонбони, матичните лекари без протоколи, во сенка епидемија од полипрагмазија

Професорот Никола Пановски денеска објави случај на лекување на пациент со ковид-19 и предупреди на епидемија од полипрагмазија што претставува неоправдана и непотребна истовремена употреба на повеќе лекови, која може повеќе да одмогне на пациентот отколку да му помогне во битката со ковид-19.

1,280

Матичните лекари во Македонија и по девет месеци од почетокот на епидемијата, немаат протоколи за лекување на пациенти со новиот вирус ковид-19, поради што кај граѓаните постои збунетост која се гледа преку искуствата што секојдневно се споделуваат на социјалните мрежи и преку медиумите.

Професорот Никола Пановски денеска објави случај на лекување на пациент со ковид-19 и предупреди на епидемија од полипрагмазија што претставува неоправдана и непотребна истовремена употреба на повеќе лекови, која може повеќе да одмогне на пациентот отколку да му помогне во битката со ковид-19.






– Штетата е огромна во секој поглед, па и во смисла на смртноста. Волку лекови одеднаш ни здрав атлета не би издржал – предупреди Пановски.

Плусинфо пред неколку дена објави дека во земјава не постои протокол или правилник кој ги одредува обврските во смисла на прегледи, снимки, крвна слика, на матичниот лекар кон ковид-позитивен пациент.

– Никој до сега не ни дал некакви протоколи. Сите лекуваме според состојбата на пациентот, врз основа на крвна анализа, рендген наод и нормално физички преглед на пациентот. Секој пациент е посебен случај – рече д-р Лилија Чолакова Дервишова од Здружението на приватни матични лекари.

Таа нагласи дека е потребно да се направат ковид-амбуланти за полесно да се следат пациентите и тие да се издвојат од пациентите кои поради други потреби се јавуваат кај матичниот лекар.

Пановски денеска им порача на Министерството за здравство и на Лекарската комора на Македонија итно да преведат протоколи за ковид-19 и да ги објават. Тој ги посочи хрватските протоколи како пример.

Што пишува во хрватските протоколи?

Хрватските протоколи за лекување на пациенти со ковид-19 кои им се упатени на здравствените работници се последно ажурирани на 8. септември 2020 година. Досега таму се издадени протоколи од Клиниката за инфективни болести „Д-р Фран Михаљвиќ“ во Загреб и од Хрватското друштво за инфективни болести кои дале насоки за клиничко згрижување и за антивирусно и имуномодулациско лекување на пациентите со ковид-19. На 29 април 2020 во Хрватска е формиран Комитет за примена на лекови во лекувањето и профилаксата на ковид-19. Сите лекари во Хрватска се задолжени да се придржуваат до објавените насоки.

Во препораките за лекарите се нагласува дека основата во лекувањето е ублажување на симптомите, спречување на компликации и прогресија на болеста, како и симптоматско и супортивно лекување, вклучувајќи и интензивно лекување за потешките пациенти. Нагласена е потребата за рационална примена на постоечките и достапни лекови.

Прво треба да се направи проценка на тежината на болеста кај пациентот, односно дали се работи за асимптоматски, за пациент со благ облик на болеста (без компликации), за пациент со средно тежок облик на болеста каде се препорачува хоспитализација, тежок или критичен облик на болеста. Издвоивме дел од насоките од деталниот протокол за лекување на пациенти со ковид-19.

Се препорачува во раната фаза на болеста да се даде терапија со антивирусниот лек „ремдесивир“
за пациенти со тешка пневмонија, кои имаат уредна бубрежна функција.

Кортикостероидите се покажале како корисни во лекување на тешки и на критични случаи, особено ако се дадат по седмиот ден. Во тие случаи се дава дексаметазон 10 дена освен ако не е контраиндициран.

Лекот „тоцилизумаб“ се препорачува кај пациенти со влошени состојби, како и при цитокинска бура која настапува помеѓу 8. и 15. ден на болеста.

Се пропорачува антитромботичка профилакса, како и парацетамол или ибрупруфен за температура. Се напоменува дека учинокот на антипиретиците е скромен и при такви случаи треба да се обрне внимание на можен развој на цитокинска бура.

Во протколите се наведуваат и критериуми за хоспитализација при ковид-19. Таа не се предвидува за асимптоматските случаи, ниту за пациенти со благ облик на болеста, но за нив е предвиден облик на краткотрајна евалуација во дневна болница. Хоспитализација се предвидува за пациенти со средно тежок и тежок облик на болеста, кои пак се кандидати за згрижување на интензивна нега.
Исто така, се препорачува лекување со антивурисни лекови со интензивен надзор над лекувањето и реакциите на пациентите, а антибиотици не се спомнуваат.

Поврзани содржини