СЕ ДАВИ ВО ДОЛГОВИ, А НЕ ГИ НАПЛАЌА НИТУ КУСОЦИТЕ ВО РАБОТЕЊЕТО Ревизорите откриле дека „Национални шуми“ продале објекти без трага

Ревизијата утврдила дека 95% или околу 612.000 евра се кусоци кои ги направиле вработените во период пред 2018 година и се однесуваат на техничко и огревно дрво, нераздолжени аванси, неуплатен дневен промет од продажба, користење на угостителски услуги и друго.

682

Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Национални шуми“ се соочува со сериозни финансиски тешкотии, намалена ликвидност и ризици за одржливоста на работењето, констатирале ревизорите при контролата на работењето за 2023 година.

Претпријатието има долг кон државата од 17,5 милиони евра, а не може да наплати од државата 2,6 милиони за учеството во акцијата „Ден на дрвото“ и уште 590.000 евра кусоци кои ги направиле вработените во годините пред 2018 година.






На крајот на 2023 година, јавното претпријатие има искажано обврски спрема Буџетот на државата за проширена репродукција во износ од 7,3 милиони евра, додека за проста репродукција не е отворена посебна сметка и не се уплатени средствата во износ од 4 милиони евра.

Ревизијата утврдила дека 95% или околу 612.000 евра се кусоци кои ги направиле вработените во период пред 2018 година и се однесуваат на техничко и огревно дрво, нераздолжени аванси, неуплатен дневен промет од продажба, користење на угостителски услуги и друго. За 590.920 евра од долгот се приближува рокот за застареност на наплатата до 5 и над 5 години и ако „Национални шуми“ не се обидат да ги наплатат овие пари ќе останат ненаплатени.

Претпријатието не ги водело законски ниту инвестициите за кои се потрошени огромна сума пари. За дел од нив не се пресметува ниту амортизација, а дел завршиле во приватна сопственост без да има трага за водење на некаква постапка за нивна продажба.

Така завршиле пиланата и базенот за производство на риба формирани како друштва во 2005 година за што „Национални шуми“ вложило 7,37 милиони денари. Друштвото за производство и преработка на дрво не постои во трговски регистар од 2020 година, а кај Друштвото за одгледување и производство на риби, по неговото издвојување од јавното претпријатие, настанати се трансформации, односно е извршен пренос на уделот од вложувањето, променет е називот на друштвото и истото е во владение на друго приватно правно лице.

ЈП „Национални шуми“ во 2023 година реализирала само 66% од планираниот физички обем на производство на техничко и огревно дрво што се оправдува со недоволната и застарена механизација, ограничен број стручен и технички персонал, ограничена отвореност на шумските комплекси, како и оддалеченост на терените.

Претпријатието со сопствени ресурси извршува само 42,45% од фазата на сеча, 34,04% од дотурот и 32,13% од фазата на превоз. Остатокот или повеќе од 50% од производниот процес е зависен од ангажирање на надворешни извршители.

Национални шуми односно Државниот инспекторат за шумарство и ловство и шумската полиција не го користи и електронскиот систем за следење на дрвната маса набавен и воведен во 2017 година. За него се платени 527.889 евра, а за тековно месечно одржување се плаќа по 3.000 евра. Дополнително, наведуваат ревизорите, не се имплементирани сите фази на следење на дрвната маса, што ја ограничува можноста за контрола, следливост и транспарентност во управувањето со дрвната маса – од сеча до крајна продажба.

Ревизијата покажа дека претпријатието не се грижи ниту за заштита на шумите. Не се справува добро со ризиците од болести на шумите, заштита од пожари и бесправна сеча, а сето тоа придонело за губење на дел од шумското богатство на земјава.

„Национални шуми“ исто така не ги ја прикажува вистинската вредност на биолошките средства односно не се намалени или обезвреднети за површините кои се наоѓаат во границите на Националниот парк Шар Планина и се уредени со посебни шумско стопански планови, како и површините кои биле зафатени од шумски пожари во кои целосно е уништен шумскиот фонд.

Ревизијата утврди неправилности во однос на исполнување на одредбите од договорите за работа, каде што од вкупно 355 вработени на неопределено време, 73% или 259 вработени кои се примени на работни места сечач, дотурачи, редачи и шумски работници, не ги извршуваат работните задачи утврдени согласно договорите, туку извршуваат административни работи и работни задачи во дирекција или во подружница.

Поврзани содржини