СЕ ЧИСТАТ КАМЕЊА НА ПОВЕЌЕ ПАТНИ ПРАВЦИ Одрони го забавија сообраќајот, повик од надлежните за внимателност

Три екипи на ЈП „Македонија пат“ интервенираат на повеќе магистрални и регионални патни правци во источниот и југоисточниот дел на земјата, додека АМСМ апелира на внимателно возење поради ризик од одрони.

40

Од утрово на патот Скопје – Велес, пред првиот тунел, сообраќајот се одвива по една коловозна лента поради одрон на патот. На терен се екипи кои го расчистуваат одронот, со што се обезбедува тековно одвивање на сообраќајот.

– Три екипи на ЈП „Македонија пат“ работат на расчистување на одроните на магистралните и регионални патни правци во источниот и југоисточниот дел на земјата – изјави директорот на регионалната подружница на ЈП „Македонија пат“, Влатко Цоневски.






Тој додаде дека поради врнежите од дожд се јавуваат ситни одрони на неколку патни правци. Екипите моментално го чистат коловозот на делницата Штип – Неготино, која поминува низ планината „Серта“, како и на патните правци Истибања – Македонска Каменица, Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово и Берово – Струмица.

– Има врнежи од дожд на целата територија на подружница Штип. Одрони имаме ситни на познатите патни правци, од Истибања па се до граница со Р. Бугарија, Делчево – Берово – Струмица, Виница – Берово и Штип преку село Лакавица за Неготино. Поголеми одрони нема, нема забрани, сообраќајот се одвива тековно на сите патни правци – појасни Цоневски.

Тој апелира возачите да бидат внимателни, особено на патните правци кои минуваат низ клисури и планини, каде постои можност од појава на нови одрони.

Од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) велат дека е неопходно да се почитува прилагодена брзина на движење, поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата. Особено внимание треба да се посвети на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде ризикот од одрони е зголемен. Ова се однесува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Поврзани содржини