Дополнително ограничување на работното време на угостителските објекти, наместо до 23 часот тие да работат до 21 часот, е новата мерка за којашто, на предлог на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство, треба да одлучува денеска Владата. Целта е да се спречи натамошно ширење на ковид-19 од којшто во претходното деноноќие беа регистрирани уште 565 заразени од направени 1.325 тестирања, починаа 21 лице, од кои најмладиот на 45 години, а оздравеле 154 пациенти. Во клиниките и болниците низ државава вкупно се хоспитализрани 713 пациенти.
Од вчера во државава се врши тестирање со брзи тестови што Министерството за здравство ги доби како донација. Од најавените 13.000 брзи тестови пристигнаа 4.000 , а останатите треба да бидат испорачани дополнително. Тестовите се најнова технологија со која за 15 минути се утврдува дали кај тестираниот е присутен вирусот Ковид 19. Брзите тестови се бесплатни за граѓаните, а ќе бидат распоредени низ 13- те болници во државата, во Клиниката за инфективни болести во Скопје, Болницата 8 Септември, Институт за белодробни заболувања кај децата – Козле и ЈЗУ Институт за белодробни заболувања и туберкулоза-Скопје, и ќе се користат како би се утврдило дали суспектните пациенти се позитивни на ковид-19.
Од минатата недела, маските се задолжителни и на отворено со одредени исклучоци. Прекршување на оваа мерка се регистрира секојдневно, а според вчерашната статистика на МВР за неносење маска ниле санкционирани 737. Инспекторите, пак, кои со последните мерки добија дополнителни овластувања, вчера затвориле угостителски објект во гостиварското село Добридол бидејќи во него била организирана свадба со околу 120 гости.