Се буди надеж во европските жаришта, коронавирусот беснее во САД и во Велика Британија, лошо е и на Балканот

Со 570 случаи, Македонија има висок број вкупно заразени во споредба со другите земји во регионот. Најмалку тестирања во регионот се извршени во Србија и во Албанија, но и во Бугарија не се остварија ветувањата за масовни тестирања. Светски шампион во справување со коронакризата е Јужна Кореја.

8,387

Според последните податоци на worldmeters.info (6 април), во светот се регистрирани 1.284.919 случаи и 70.324 починати. Добрата вест е што опаѓа бројот на новозаболените во европските жаришта, Италија и Шпанија. САД го презедоа „водството“ по број на заболени од Кина, каде што епидемијата речиси целосно стивнува. Заразата, за жал, беснее и во Велика Британија. Тоа може да се види на насловниот инфографик (извор:„Фајненшл Тајмс“).

Шпанија извести дека има вкупно 13.000 починати и повеќе од 130.700 потврдени случаи, но податоците покажуваат дека бројката на новозаразени опаѓа (3.386 новозаразени, според последните достапни еднодневни податоци). Во оваа земја се регистрирани 637 мртви во едно деноноќие, најмалку од 24 март до денеска. Тоа може да се види од следниот инфографик (извор: Би-Би-Си):






Опаѓање на бројот на заразени има и во Италија. Последната цифра на новозаразени за еден ден е 4.316 и таа опаѓа од 1 април наваму (на 1 април се регистрирани 8.195 новозаразени). Заразата е најголема во регионот на северна Ломбардија (најголем град Милано), но Италија за последните 24 часа пријави 525 починати од ковид-19, најмалку од 19 март до денеска. Инфографик: Би-Би-Си.

Сега САД имаат највисока бројка на случаи на ковид-19, вкупно 336.861, од кои над 123.000 се во државата Њујорк . Во САД има 9.620 мртви и 17.977 излечени лица. Пред Кина (во која се регистрирани вкупно 81.708 случаи, 3.331 починати и 77.078 излечени), сега, освен САД, се Шпанија, Италија, Франција и Германија. Во Франција се регистрирани вкупно 92.839 случаи и 8.078 починати.

Во Велика Британија има повеќе од 47.806 потврдени случаи и 4.934 мртви, но бројот на новоаразени и на мртви е во пораст. Кога сме кај големите земји, треба да се каже дека Русија пријавила вкупно само 6.343 случаи и само 47 починати, но затоа има 934 новопријавени случаи во еден ден, што упатува на заклучокот дека во оваа земја „назад е зимата“.

Освен Кина, која веќе објави победа над коронавирусот, за светски шампион во справување со коронакризата, се смета Јужна Кореја, држава со над 51 милион жители. Во оваа земја од почетокот на пандемијата до денес се регистрирани само 10.284 случаи и вкупно 186 починати. Во последните 24 часа се регистрирани 47 нови случаи и само 3 починати. Покрај строгите мерки на социјално дистанцирање и електронско следење на заразените, се смета дека тајната на успехот на Јужна Кореја е масовното тестирање – во оваа земја се тестирани 8.996 лица на 1 милион жители. Италија и Шпанија исто така имаат висок број тестирања на 1 милион жители, но јасно е дека таму, за разлика од Јужна Кореја, со тестирањата е задоцнето и дека се чекало прво да се разгори заразата.

Таму каде што здравствените системи дејствуваат агресивно во самиот почеток на заразата, како што е тоа случајот со Јужна Кореја, резултатите се евидентни, велат врвни свестки експерти за молекуларна биологија (за споредба, погледнете ги податоците за извршените тестирања во повеќе земји, на крајот на текстот). Спротивно на тврдењата дека бројот на тестирања зависи од бројот на жители, примерот на Сингапур, земја со помалку од 6 милиони жители, го докажува спротивното. Да не зборуваме за некои помали, поорганизирани и побогати земји во Европа и во светот. Во Сингапур до сега се регистрирани само 1.309 случаи и 9 мртви, но и 6.837 тестирани на 1 милион жители.

Бројките јасно покажуваат дека има земји во светот (со големо население, како Јужна Кореја, но и со мало население, како Израел (8.611 вкупно заразени и 12.677 тестирања на 1 милион жители), или спомнатиот Сингапур, кои успеале со таква агресивна стратегија, која, да повториме уште еднаш, освен масовни тестирања, подразбира и многу други мерки за спречување на ширењето на заразата.

Состојбите во поширокиот регион на Балканот тоа го потврдуваат. Според последните достапни податоци на worldmeters.info, Словенија има вкупно 1.201 регистриран случај, само 20 нови случаи во последното деноноќие, но и неочекувано висок број починати – 30. Хрватска има 1.222 новозаразени и вкупно 16 мртви, како и 2.793 тестирани на 1 милион жители, повеќе од Македонија (која, според последните податоци од истиот извор, има 2.540 тестирани на 1 милион жители). Шампион во тестирањето, не само во регионот, туку и пошиороко, е Словенија, со 13.950 тестирања на 1 милион жители.

Во Бугарија и во Србија, засега нема ништо од масовните тестирања, иако беа најавени. Во Бугарија, бројките на заразени и починати не се катастрофични – таму има 541 случај, 21 мртов и само 10 нови заразени во последното деноноќие. Тоа се малку подобри апсолутни бројки од тие што ги имаме тука во Македонија (да не заборавиме дека Бугарија, според бројот на жители, е повеќе од три пати поголема од Македонија), но некои бугарски медиуми, како novinite.bg, на пример, веќе прават споредбени анализи на бројот на тестирања во земјите во Балканот, кои покажуваат дека во таа земја засега нема ништо од спектакуларните најави за масовни тестирања.

Се чини дека во моментов најмногу потфрла Србија, која според популацијата, заедно со Македонија, е во врвот во регионот според вкупната бројка на заразени (1.908 случаи и 51 починат). За разлика од другите земји на Балканот, Србија има само 842 тестирани на 1 милион жители. И Албанија има малку тестирања (893 на 1 милион жители), но за среќа, има релативно мал број случаи (вкупно 377 и 16 новопријавени во последното деноноќие). Големо прашање е колкава е „темната бројка“ на непријавени заразени во овие земји.

Кога сме кај Балканот, да го кажеме и тоа дека Грција има вкупно 1.735 регистрирани случаи и висока бројка од 73 починати. Според последните бројка соопштени на денешната попладневна прес-конференција во Владата, во Македонија сега има 570 новозаразени и вкупно 21 починат, а здравствените власти тврдат дека заразата прогресира.

Број на тестирања на 1 милион жители во некои земји:

САД – 5.355
Велика Британија – 2.880
Италија – 11.436
Шпанија –
Германија – 10.962
Франција – 3.436
Словенија – 13.950
Хрватска – 2.793
Бугарија – 2.288
Србија – 842
Албанија – 893
Грција – 2.442
Македонија – 2.540
Јужна Кореја – 8.996
Сингапур – 6.837

Поврзани содржини