СЕ БАРААТ ПОВЕЌЕ СРЦА ОДОШТО ИМА Денот на органодарителството посветен на семејствата на донорите

На Клиниката за дигестивна хирургија и гастроентерохепатологија се идентификувани пациенти на кои им е потребна трансплантација на црн дроб, а на клиниките за пулмологија и торакална хирургија се евидентирани лица за трансплантација на бели дробови.

228

Со шест трансплантации на срце, 17 на бубрези и 4 на коскени ткива, се одбележа овогодишниот Европски ден на органодарителството, кој оваа година е посветен на семејствата на донорите.

– Интензивно работевме да се зајакне тој систем, што е тренд во сите развиени држави. Поради тоа пристапивме системски. Најпрво се измени програмата за трансплантација за 2019 година, се ажурираа листите на пациентите на кои им беа потребни органи-бубрези на Клиниката за нефрологија, која со години работи во оваа сфера и има долгогодишно искуство. Пред две години, заедно со Клиниката за кардиохирургија, почнавме со трансплантација на срце, свесни дека побарувачката за срце е многу поголема од оние кои можевме да ги добиеме од починат донор – истакна Филипче.






На Клиниката за дигестивна хирургија и гастроентерохепатологија се идентификувани пациенти на кои им е потребна трансплантација на црн дроб, а на клиниките за пулмологија и торакална хирургија се евидентирани лица за трансплантација на бели дробови. Паралелно со тоа, ажурирани се електронските листи и воведен е електронски регистар на приоритизација врз основа на соодветни критериуми.

– Препознавме дека за некои пациенти нема алтернатива и дека се дарува живот по смртта, ако ние со нашата реорганизација и дополнителна организација на сите капацитети и експерти направиме да функционира системот, и сè што значи трансплантација на срце и други органи – стриктно придржување на протоколите, правење соодветна типизација, сместување на пациентите, посебни тимови за експлантација и за трансплантација. Сакам сега да изразам благодарност и честитки до колегите кои беа вклучени во овие процеси – нагласи министерот за здравство, кој потенцира дека и покрај ковид-кризата лекарите нашле екстра ентузијазам и желба да сторат нешто што е тешко да се направи и без пандемија.

По првата трансплантација на срце, направени се осум дијагностицирања на мозочна смрт и уште пет трансплантации на срце и 17 бубрези.

Напредок е постигнат и во трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител, за што претходно пациентите се испраќале во странство.

– Направени се 35 такви трансплантации. Ние сме дел од светскиот регистар за коскена срцевина, што значи, нашите крводарители можат да даруваат крв и кој било пациент во светот да биде соодветен примател, но и обратно – објасни министерот, кој рече за прв пат имаме банка за коскена срцевина.

Тој им се заблагодари на сите амбасади кои помогнале во зајакнување на системот за трансплантација на органи и коскена срцевина.

Националната координаторка за трансплантација доц. Д-р Маја Мојсова Мијовска и специјалистот хематолог д-р Ирина Пановска-Ставридис изразија огромна благодарност до семејствата кои во најтешките мигови одлучиле да ги донираат органите на нивен близок починат, со што спасиле животи на други.

На одбележувањето на Европскиот ден на органодарителството во хотелот „Лимак“, во Скопје, присуствуваа и членови на семејствата на починатите донори.

Поврзани содржини