🎥 СЕ БАРААТ ОСТАВКИ, ИЗБОРИ И „БУЏЕТ ЗА НАРОДОТ, A НЕ ЗА ОЛИГАРСИТЕ“ Огромно незадоволство во Бугарија, илјадници на протести во десетина градови

Неколку владини партнери веќе најавија дека би поддржале избори ако не се најде излез од кризата, додека опозицијата најавува нови протести и дополнителен притисок. Според политичките аналитичари, ситуацијата може да кулминира во текот на наредните денови.

0

Масовните протести во Бугарија продолжија и вечерва во центарот на Софија, но и во уште десетина бугарски градови, каде што граѓаните во голем број излегоа на улиците барајќи повлекување на нацрт-буџетот за 2026 година и оставка на владата. Во главниот град демонстрациите се одвиваат пред институциите во т.н. „Триаголник на моќта“, каде што се собраа илјадници граѓани.

Протестни собири вечерва има и во Пловдив, Варна, Бургас, Русе, Шумен, Благоевград, Стара Загора и други градови, каде што луѓето се самоорганизираат, главно преку социјалните мрежи и се собираат пред општинските згради и други регионални управи.






На сите протести пораката е слична: незадоволство од економските мерки на владата и барање политичка одговорност. Демонстрантите извикуваат „Оставка!“ и „Мафија!“, а на транспарентите граѓаните ја изразуваат својата фрустрација со пораки како: „Буџетот во мрак – народот во гнев“ и „Бугарија е будна и нема да бега“. Се носат транспаренти со написи: „Државата е наша и не се продава“ и „Буџет за народот, не за олигарсите“. Неколку демонстранти велат дека буџетот е „социјално неосетлив“ и дека нема реални мерки за справување со растечката сиромаштија.

Како директна последица на граѓанскиот гнев, Парламентот денеска со убедливо мнозинство од 201 глас „за“ го прифати повлекувањето на трите буџетски закони – за државниот буџет, за Национална каса за здравствено осигурување (НЗОК) и за Државно социјално осигурување (ДОО) за 2026 година. Предлогот го поднесоа пратеници од ГЕРБ-СДС, БСП и „Има таков народ“. За повлекувањето гласаа 62 пратеници од ГЕРБ-СДС, 31 од ПП-ДБ, 33 од „Преродба, 25 од ДПС-Нов почеток и други, со што беше постигнат консензус од речиси сите политички групи.

Владата сега ќе започне нова буџетска процедура. Премиерот Жељазков, иако го призна повлекувањето на буџетот, изјави дека нема да се повлече од функцијата.

– Немаме право да се повлечеме без буџет неколку недели пред влезот на Бугарија во еврозоната. Ќе абдицираме последни, но тоа не значи дека сме инаетчии – начинот на кој го покажуваме

тоа е со признавање на грешката и повлекување на буџетот – појасни бугарскиот премиер.

Сепак, повлекувањето на буџетските закони не го запре народниот гнев. Според првичните информации, протестите вечерва минуваат релативно мирно и без посериозни инциденти. Полицијата е распореденa околу институциите, но нема известувања за тензии како оние што се случија пред неколку дена, кога имаше судири, турканици, па и напади врз партиски канцеларии.

Фото: Принтскрин

Организаторите на протестите се разликуваат од град до град. Во Софија мобилизацијата ја предводат опозициските партии и граѓански групи, додека во некои универзитетски центри, како Благоевград, протестите ги организираат студенти. И покрај тоа, сите укажуваат дека акцијата е надпартиска и насочена кон „враќање на нормалноста и правдата“.
Едно од барањата на демонстрантите е оставка на владата и почеток на борба против корупцијата. Дел од демонстрантите велат дека не веруваат дека сегашната влада може да обезбеди транспарентни политики.

Неколку владини партнери веќе најавија дека би поддржале избори ако не се најде излез од кризата, додека опозицијата најавува нови протести и дополнителен притисок. Според политичките аналитичари, ситуацијата може да кулминира во текот на наредните денови.

EPA/BORISLAV TROSHEV

Демонстрантите најавуваат дека протестите ќе продолжат и утре, сè додека, како што велат, „владата не ги слушне луѓето“.

За време на големиот протест во Софија на 1 декември вечерта, дојде до сериозни судири со полицијата пред седиштето на ДПС Нов почеток. Во врска со инцидентите 14 лица се обвинетиза тешко хулиганство, од кои 10 се во притвор најмалку 72 часа.

Поврзани содржини