СЕ БАРААТ 300 НОВИ УЧИЛНИЦИ ЗА ЕДНОСМЕНСКА НАСТАВА Јаневска најави големи инвестиции во училиштата

Иако основните училишта се под надлежност на општините, Јаневска нагласи дека Владата и Министерството за образование ќе обезбедат силна поддршка во реализацијата на оваа голема реформа.

276

Во Македонија и натаму 245 училишта работат во две смени, но владините планови се амбициозни – сите основни училишта да преминат на едносменска настава. За таа цел, потребни се околу 300 нови училници, објави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска за време на посетата на подрачниот објект на ООУ „Ванчо Прке“ во штипското Ново Село.

– Правиме детална анализа за да утврдиме каде се потребни доградби, преадаптации на постојни простории или изградба на сосема нови објекти – истакна Јаневска.






Процесот ќе бара значителни финансиски средства и време, но министерката увери дека во текот на следните неколку години целта ќе биде остварена.

Иако основните училишта се под надлежност на општините, Јаневска нагласи дека Владата и Министерството за образование ќе обезбедат силна поддршка во реализацијата на оваа голема реформа.

– Веќе 150 училишта работат едносменски, а целта е сите да го постигнат тоа – рече министерката.

Според неа, преминот на едносменска работа носи бројни придобивки:

– Учениците ќе поминуваат повеќе време во училиштата, намалувајќи го заостанувањето од околу 900 наставни часови споредено со нивните европски врсници.

– Ќе се поттикне социјализацијата и подобрување на знаењето.

– Ќе се искористат вишокот наставен кадар за дополнителни активности со учениците.

– Ќе се намалат тековните трошоци за одржување на училиштата, а заштедите ќе може да се вложат во други корисни проекти.

Јаневска потенцираше и на важноста на одговорното користење на училишните ресурси, алудирајќи на неодамнешен скандал во Струмица каде директор дозволил партиски состаноци во училишни простории.

Mинистерката Јаневска рече дека средните училишта од Штип веќе знаат каде матурантите ќе ја полагаат државната матура, односно во кои простории и амфитеатри на Универзитетот „Гоце Делчев“.

– Кампус 4 е определен за регионалниот центар и Гиманзијата и во Кампус 2 се останатите училишта. Сите училишта од Штип, кои кажале дека имале потреба од соодветен простор ќе полгаат во амфитеатрите на УГД, затоа што исто така му благодарам на ректорот за разбирањето и на деканите се разбира за разбирањето на оваа потреба – вели Јаневска.

Министерката за образование и наука додаде дека во моментов се обезбедуваат условите за полагање, бидејќи меѓу матурантите треба да има растојание од метар и половина.

– Во Штип, Битола и во Скопје ќе ги користиме универзитетите. Материјалите се во подготовка, мобилни телефони нема да се употребуваат, односно тестаторите ќе бидат задолжени да спроведат учениците да си ги остават мобилните телефони на соодветно место во просторијата, каде што ќе се полага – изјави Јаневска.

Таа повика на свесност кај учениците, родителите и наставниците и да не се дозволи препишување на државната матура, бидејќи се прави штета, а не добро.

– Нашето образование е на ниско ниво, па и со лош квалитет и ние тоа треба да го подобриме. Иднината на Македонија е во умните глави, кои ги има, само треба да ги мотивираме да почнат што е можно повеќе да работат на себе. Затоа што утре нивната иднина зависи од нив самите – вели Јаневска.

Поврзани содржини