СЕ БАРА ПРИТВОР ЗА СКОПЈАНЕЦОТ ШТО ПУКАЛ ВО СОПРУГАТА Два пати се заканувал со пиштолот
На 1 март, во семејниот дом, во присуство и на друго лице, при вршење семејно насилство, тој со умисла се обидел да ја лиши од живот својата сопруга, соопшти Обвинителството.
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 55-годишник осомничен за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 2 во врска со член 19 (во обид), а против него поведена е и постапка за – Загрозување на сигурноста според член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.
На 1 март, во семејниот дом, во присуство и на друго лице, при вршење семејно насилство, тој со умисла се обидел да ја лиши од живот својата сопруга. Тој извадил пиштол што го поседувал со дозвола, го репетирал и испукал еден куршум, кој поминал покрај оштетената, се одбил од паркетот и завршил во прозорецот. Потоа се симнал на долниот кат и на двете ќерки им кажал дека пукал во мајка им. Тие заедно со оштетената си заминале од домот.
На 5 март осомничениот повторно пред двете деца се заканувал со пиштолот на сопругата, со намера да ги вознемири и да ги заплаши.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постои опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и постапката, како и опасност да го доврши убиството кое се обидел да го стори.