СЕ БАРА ПРИТВОР ЗА 4 ДИЛЕРИ НА ДРОГА ОД СКОПЈЕ Полицијата им пронајде кокаин, марихуана, а кај еден и куршуми

Првоосомничениот неовластено ја набавувал, ја пренесувал и ја сокривал дрогата на безбедна локација на подрачје на Скопје, а потоа ја предавал на останатите осомничени, кои ја препродавале, соопшти Јавното обвинителство.

646

По повеќемесечна предистражна постапка, во текот на вчерашниот ден во координација со предметен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), единиците на МВР спроведоа акција на повеќе локациии низ Скопје, соопшти ОЈО ГОКК.

При претресите, додава Обвинителството, е пронајдена количина на наркотични дроги – кокаин и марихуана, а во домот на еден од осомничените се пронајдени и куршуми за пиштол, за чие набавување и поседување е потребно одобрение и дозвола за поседување.






„Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР, јавниот обвинител од ОЈО ГОКК донесе наредба за спроведување на истражна постапка против 4 лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции од член 215 став 3 од Кривичниот законик, а еден од осомничените сторил и кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“, соопшти ОЈО ГОКК.

Осомничените, се додава, од февруари до октомври годинава се здружиле заради неовластена продажба и пуштање во промет на наркотична дрога – кокаин и наркотична дрога – марихуана.

„За таа цел купувале, држеле, пренесувале, продавале и посредувале во неовластената продажба на наркотичната дрога. Првоосомничениот неовластено ја набавувал, ја пренесувал и ја сокривал на безбедна локација на подрачје на Скопје. Потоа дел од дрогата ја предавал на останатите осомничени лица. Од нив секој посебно преземал дејствија за неовластена продажба, продавајќи ја по 4.000 денари за 1 грам кокаин и по 500 денари за 1 грам марихуана“, се вели во соопштението од Обвинителството.

Ценејќи дека се исполнети условите, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог на четворицата осомничени да им биде изречена мерката притвор.

ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА ВО 3 СКОПСКИ НАСЕЛБИ Се апсат дилери на кокаин

Поврзани содржини