СЕ БАРА ПОСЕБНО ОДДЕЛЕНИЕ ЗА СЛУЧАИТЕ НА НОВИНАРИТЕ Бубевски се надева дека ќе се одговори позитивно на барањето на ЗНМ и ССНМ

Шефот на Скопското обвинителство Бубевски истакна дека овие конструктивни предлози се прифатливи и дека ќе се обидат во брзо време да одговорат позитивно на барањата на ЗНМ и ССНМ.

37

Формирање ново одделение во рамки на Основното јавно обвинителство (ОЈО), кое ќе биде задолжено само за постапување по предмети кои се однесуваат на повреда на правата на новинарите и на медиумските работници, на нивната безбедност, како и на експлицитниот говор на омраза кон нив, побараа денеска претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и претседателот на Самостојниот синдикат на новинарите и Медиумските работници (ССНМ) Павле Беловски на средбата со шефот на Скопското јавно обвинителство Гаврил Бубевски.

Беловски потенцираше дека и покрај тоа што безбедноста на новинарите и медиумските работници во изминатиот период во земјава е подобрена, останува фактот дека перцепцијата за степенот на неказнивост на напаѓачите кон новинарите и медиумските работници останува на високо ниво и ова треба да се промени.






Драган Секуловски, директор на ЗНМ, истакна дека ОЈО има обврска да ги следи препораките на Советот на Европа за поголема заштита на новинари, посебно ПрепоракаCM/Rec (2016)41 од Комитетот на министри до земјите членки за заштита на новинарството и безбедност на новинарите и другите медиумски актери. Според оваа препорака, Македонија како земја членка на Советот на Европа има обврска да создаде механизми за заштита на медиумските работници кога нивните права се нарушени а додека се очекува да се изгласаат измените на Кривичниот закон, ова посебно одделение во ОЈО кое ќе работи за заштита на новинарите е добар модел, истакна Секуловски.

Тој укажа дека со цел да се намали степенот на неказнивост потребно е ОЈО да ги истражи старите случаи во кои се бележат закани по животот на новинарите, како и да биде проактивно во случаи кога новинарите се предмет на експлицитен говор на омраза и закани на социјалните мрежи.

Шефот на Скопското обвинителство Бубевски истакна дека овие конструктивни предлози се прифатливи и дека ќе се обидат во брзо време да одговорат позитивно на барањата на ЗНМ и ССНМ.

На денешниот состанок исто така се разговараше за унапредување на транспарентноста за работата на обвинителите, назначување на лица од обвинителството кои ќе работат на случаи кои се однесуваат само на предмети каде се вклучени новинари и медиумски работници како и подобрување на меѓусебната соработка за прашања од заеднички интерес и можноста да биде потпишан заеднички меморандум за соработка.

Поврзани содржини