СЕ БАРА ПОМАЛА МОЖНОСТ ЗА ВЕТО ПРИ ПРИСТАПУВАЊЕТО ВО ЕУ Упорноста на Орбан против Украина може да ги олабави преговорите за членство
Десетина земји сакаат да ги променат правилата на ЕУ, така што само пондерирано мнозинство - не целиот состав од 27 држави - ќе биде потребно, за да се отвори нов круг преговори за пристапување. Едногласноста би останала неопходна на почетокот и на крајот од процесот, но не и за сите безбројни средни чекори, пишува Еуроактив.
Дури и рускиот претседател Владиммир Путин се чини дека е задоволен со приклучувањето на Украина кон ЕУ. Но, проблемот не е Русија – туку Унгарија, пишува Еуроактив.
Токму затоа кружат шепотења за радикално заобиколување на ветото на Будимпешта, кое ги замрзна аспирациите за членство на Украина и нанесе колатерална штета на паралелната кандидатура на Молдавија пред острите избори, наведува бриселскиот медиум.
Околу десетина земји сакаат да ги променат правилата на ЕУ, така што само пондерирано мнозинство – не целиот состав од 27 држави – ќе биде потребно, за да се отвори нов круг преговори за пристапување, токму таа фаза што ги блокира Киев и Кишињев. Едногласноста би останала неопходна на почетокот и на крајот од процесот, но не и за сите безбројни средни чекори.
– Ни треба многу почист процес… со помалку можности земјите да стават вето. Не можеме само да гледаме на другата страна. Треба да го зголемиме притисокот – рече Џесика Розенкранц, шведска министерка за прашања на ЕУ.
Таа ја покрена идејата на состанок, забележувајќи дека тоа би можело да се однесува и на санкциите кон Русија, што друга област каде што Унгарија цврсто се противи.
Розенкранц не е сама. Министрите за надворешни работи од Германија, Италија, Словенија и од Австрија неодамна ја повикаа комесарката за проширување Марта Кос да го „поедностави и рационализира“ процесот за раст на клубот, предупредувајќи дека „кредибилитетот“ на ЕУ е во прашање.
Сигитас Миткус, заменик-министер за надворешни работи на Литванија, повтори: „Ние навистина сме за флексибилност во процесот на проширување“.
Не станува збор само за Унгарија. Бугарија со години ја фрустрира кандидатурата на Македонија.
– Мора да најдеме решение за билатерализацијата, за да ја спречиме пенетрацијата на руските интереси во Западен Балкан – рече Орхан Муртезани, министер за европски прашања на Северна Македонија, пишува Еуроактив.