ВЛАДАТА ПОБАРА РАЗРЕШУВАЊЕ НА КОЦЕВСКИ Предлогот за смена на јавниот обвинител е испратен во Собрание
Владата едногласно го усвои предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, наведувајќи серија професионални пропусти, нарушен интегритет и незаконско постапување.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски е пред разрешување, откако Владата денеска на седница го усвои предлогот и најави дека документот веднаш ќе биде доставен до Собранието.
Портпаролката на Владата, Марија Митева, во обраќање до медиумите објасни дека со оваа одлука се продолжува постапката која била паузирана за време на изборниот процес поради законските ограничувања.
– Причините за иницијативата се јавно познати. Владата досега повеќепати ги образложи – доследно, транспарентно и во интерес на заштита на институционалниот интегритет. Нашата цел е јасна: зајакнување на правната држава и непречено функционирање на органите на прогон – изјави Митева.
Таа појасни дека предлогот за разрешување е поднесен согласно член 88 став 1 од Законот за јавно обвинителство, и по претходно добиено мислење од Советот на јавни обвинители.
Според Митева, причините за разрешување се крупни професионални пропусти направени од Коцевски, кои ја нарушиле ефикасноста и работата на институцијата.
– Станува збор за неовластено изнесување податоци од предмети, со што ја повредил тајноста на постапките. Дополнително, со негови постапки е нарушен угледот на Јавното обвинителство, а не постапувал согласно обврските утврдени со законите и Уставот – нагласи портпаролката.
Како резултат на тоа, додаде Митева, во изминатиот период било евидентно нарушено функционирањето на институцијата, а нејзиниот интегритет бил сериозно доведен во прашање.
– Јавниот обвинител е одговорен за општите состојби и за функционирањето на обвинителството. Со ваквите постапки, Коцевски грубо ја прекрши обврската да го чува угледот на функцијата, предвидена во член 82 став 1 од Законот за јавно обвинителство – додаде Митева.
Одлуката сега е во рацете на Собранието, кое треба да го донесе конечниот став за разрешувањето на Коцевски.