СЕ ЈАВУВАЛ ВО ОБВИНИТЕЛСТВО ЗА ДА СПРЕЧИ ИСТРАГА? Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека Груби е прилично нервозен поради скандалите
Ако Јавното обвинителство решило да ги стави во фиока сите случаи за вицепремиерот Артан Груби, ќе му треба голем фиокар, реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
По низата скандали кои беа обелоденети за вицепремиерот Артан Груби, очигледна станува нервозата кај него. Загриженоста на Груби отишла до таму што се јавувал во Јавното обвинителство да спречи отворање на истрага за криминалот поврзан со него, соопшти опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Но Груби има толку многу скандали зад себе што може крими серија во неколку продолженија да се направи. Ако Јавното обвинителство решило да ги стави во фиока сите случаи за него, ќе му треба голем фиокар. Артан Груби пред институциите ќе треба да одговара за луксузниот локал во сопственост на неговиот брат кој го купиле за половина милион евра. Дури и да е точна верзијата на Груби дека локалот чини само 100.000 евра, тогаш повторно треба да одговори како може на атрактивна локација неговото семејство да купи деловен простор за 700 евра по квадрат, а реалната цена да е над 2.000 евра по метар квадратен. Артан Груби треба да им објасни на институциите како шалтерскиот работник во нивната семејна туристичка агенција отворил компанија за баждарење и за истата добил акредитација од директорката на Бирото за метрологија, која е кадар на ДУИ“, се вели во соопштението.
Груби треба да им објасни на институциите како истата негова омилена директорка се стекнала со луксузна хациенда на Попова Шапка и истата не ја пријавила во анкетен лист, наведено е во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Патем таа директорка набавила и комбе за 600.000 евра, односно за три години спровела три сомнителни јавни набавки тешки 2 милиона евра, веројатно затоа што се чувствува заштитена од некој силно позициониран сопартиец. Груби треба да им објасни на институциите дали тој создал октопод околу себе кој се богати, додека народот осиромашува“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.