СЕ ЈАВИЈА НОВИ СВЕДОЦИ ВО СЛУЧАЈОТ СО ДАНКА Новото сослушување треба да ги расветли работите
Меѓу сведоците е и таткото на осомничениот Срѓан Јанковиќ, Душан Јанковиќ, кој се брани со молчење.
Во среда, на 24 април, во Вишото јавно обвинителство (ВЈО) во Заечар ќе почне ново сослушување сведоци кои би можеле дополнително да ги расветлат околностите во кои починала 2-годишната Данка Илиќ од Бор, пишува српски Б92.
Меѓу сведоците е и таткото на осомничениот Срѓан Јанковиќ, Душан Јанковиќ, кој се брани со молчење, потврдуваат од ВЈО во Заечар.
– Досега се сослушани 14 сведоци. Сослушувањето на сведоците ќе продолжи од среда, на 24 април. Во интерес на истрагата, не можеме да кажеме уште колку сведоци ќе бидат сослушани – наведуваат од ВЈО во Заечар.
Обвинителството потврдува дека во тек е вештачење биолошки траги од службеното возило кое го користеле осомничените Срѓан и Дејан, а и дека анализите ѝ се доверени на референтната стручна институција за вештачење ДНК. Иако добар дел од трагите и од доказите веќе е извештачен, извештаите сѐ уште не пристигнале во Заечар.
Притворот на двајцата осомничени истекува на 3 мај, а на Радослав Драгијевиќ, таткото на Дејан кој се брани со молчење, на 5 мај. Потоа ќе се донесе одлука за евентуално продолжување на притворот.
На 26 март во Бањско Поље, Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ ја удриле Данка со службено возило „фиат панда“, ја задавиле и ја фрлиле на дива депонија на Старобањски пат. Телото на девојчето, по кое се трага од 4 април кога признаа дека ја убиле, сѐ уште не е пронајдено.