СЕЌАВАЊЕТО ЗА ЗЛОСТОРОТ НА ХОЛОКАУСТОТ ЌЕ ОСТАНЕ ЖИВО ВО ГЕРМАНИЈА Мерц го посети меморијалниот центар Јад Вашем во Ерусалим
По средбата со Мерц во Ерусалим, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека германско-израелските односи претрпеле „историска промена“ во однос на одбранбената соработка.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска им оддаде почит на 6 милиони Евреи кои загинаа за време на нацистичката диктатура во меморијалниот центар Јад Вашем во Ерусалим, како дел од неговата прва посета на Израел.
– Ќе го одржиме живо сеќавањето на ужасниот злостор од Холокаустот што го извршија Германците против еврејскиот народ.Тука во Јад Вашем, трајната историска одговорност на Германија е опиплива: Германија мора да се залага за постоењето и безбедноста на Израел. Тоа е дел од непроменливото јадро на нашите односи и засекогаш ќе остане така – напиша тој во книгата за гости.
По средбата со Мерц во Ерусалим, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека германско-израелските односи претрпеле „историска промена“ во однос на одбранбената соработка.
-Од своето основање, еврејската држава „успева да ги одбие нашите непријатели“ и исто така развила капацитет да им помага на другите – рече Нетанјаху, очигледно мислејќи на купувањето на израелскиот противвоздушен систем „Arrow 3“ од страна на Германија.
Тој додаде и дека „не само што Германија придонесува за одбраната на Израел, туку Израел, еврејската држава, 80 години по Холокаустот, придонесува за одбраната на Германија“.
Германија го продолжи извозот на оружје за Израел во ноември, откако привремено воведе делумно ембарго во август, поради загриженоста за однесувањето на израелската војска во Појасот Газа.
-И покрај таа одлука, која беше насочена кон посебна состојба, ништо не се промени ниту пред неа, ниту по неа, кога станува збор за нашиот основен став кон Израел и израелската безбедност, нашата поддршка на Израел и нашата воена поддршка на Израел – рече Мерц, осврнувајќи се на ембаргото наметнато од неговата влада.