СЕ АСФАЛТИРА УЛИЦА ВО НЕКОГАШНАТА КАСАРНА ВО БИТОЛА Инсфраструктурата е приоритет за општината
Улицата има атмосферска и фекална канализација и водоводна инсталација, како и улично осветление, соопшти Општина Битола.
Почна асфалтирањето на улицата СРУ 5, која е важна сообраќајница во некогашната касарна во Битола, соопшти општината.
Таа ги поврзува улицата Партизанска и улицата Крушевска република.
– За некои ова ќе изгледа како свечен чин, а за нас е секојдневна редовна работа, бидејќи уличната и патната инфраструктура се наш приоритет – рече градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Претходно се работеше на тротоарите од двете страни кои се со широчина по 2,5 метри и беа поставени коловозните рабници. По асфалтирањето на коловозот ќе се работи на велосипедската патека, а местото и хортикултурно ќе се уреди.
Улицата има комплетна инфраструктура, атмосферска и фекална канализација и водоводна инсталација, како и улично осветление.
Инвестицијата е над 9 милиони денари.