СЕ АПСАТ НЕЛЕГАЛНИТЕ ИМИГРАНТИ И ВО ЊУ ОРЛЕАНС Трамп нареди нова операција

Американското Министерство за внатрешна безбедност објави дека операцијата ќе биде насочена кон криминалци кои се ослободени од локален притвор.

0

Американските службеници за имиграција почнаа операција за апсење на нелегални имигранти во Њу Орлеанс, соопштија денес федералните службеници, со што овој град влезе во фокусот на новата заострена имигрантска политика на претседателот Доналд Трамп.

Американското Министерство за внатрешна безбедност објави дека операцијата ќе биде насочена кон криминалци кои се ослободени од локален притвор. Имено, тие биле ослободени врз основа на градските политики што ја ограничуваат соработката со федералните власти за спроведување на мерките за имиграција.






Републиканскиот претседател нареди вакви операции во градовите предводени од демократите низ САД, вклучувајќи ги Лос Анџелес, Чикаго и Вашингтон, во обид да ги доведе депортациите до рекордни нивоа.

Жителите и локалните службеници во овие градови се спротивставија, затоа што, според нив, агентите на Граничната патрола и на Службата за имиграција и царина (ИЦЕ) уапсиле многу луѓе без криминални досиеја и користеле тактики што ги довеле жителите во опасност.

Жена, која побара да се идентификува само како Аби, рече дека нејзиното семејство дошло во САД од Мексико пред 20 години, но дека таа и другите не можеле да добијат легален статус. Таа рече дека е загрижена дека имиграциските власти би можеле да ја уапсат и да ја одвојат од нејзиниот 10-годишен син, американски државјанин.

– Не сме сите криминалци. Ние сме вредни луѓе. Ние сме луѓе кои стануваат рано за да ги остварат своите цели и да се борат за своите соништа – изјави таа за медиумите.

Операцијата во Њу Орлеанс, град со околу 384.000 жители, се очекува да трае до крајот на годината, но нејзиниот обем сè уште е непознат.

Минатиот месец федерален судија ја поништи уредбата од 2013 година со која се ограничуваше овластувањето на Полициската управа на Њу Орлеанс да помага во спроведувањето на федералните закони за имиграција.

Сепак, началникот на Полициската управа на Њу Орлеанс, Ен Киркпатрик, кон крајот на ноември изјави дека градот нема да го спроведува федералниот закон за имиграција.

Акцијата во Њу Орлеанс следи по онаа спроведена од Граничната патрола во Шарлот, Северна Каролина.

Поврзани содржини