СДСМ ЗАКАЖА ОТЧЕТЕН КОНГРЕС НА 9 ЈУНИ Почнува кандидирање за нов лидер и ажурирање на членството
Постапката за кандидирање за нов лидер на СДСМ започнува од денеска (31.05.2024) и ќе трае седум дена, до 06.06.2024 година. Право на кандидатура имаат сите членови на СДСМ кои ги исполнуваат критериумите и високите вредносни, морални и етички норми.
На вчерашната седница Централниот одбор на СДСМ го усвои Правилникот за критериумите, начинот и постапката за кандидирање и избор на Претседател на СДСМ за вонредните избори, како и Правилникот за начинот и постапката за активна регистрација за членови на СДСМ.
Врз основа на Статутот на СДСМ, одлуките на Централниот одбор и одлуката на Извршниот одбор од денеска СДСМ објавува Отворен повик за самокандидирање на сите заинтересирани кандидати за Претседател на партијата.
Постапката за кандидирање започнува од 31.05.2024 и ќе трае седум дена, до 06.06.2024 година. Право на кандидатура имаат сите членови на СДСМ кои ги исполнуваат критериумите и високите вредносни, морални и етички норми.
За кандидат за претседател на СДСМ може да се кандидира лице со најмалку 5 години членство во СДСМ кој најмалку еднаш бил избран од страна на Конгресот на СДСМ за член на некој од органите на партијата.
Вонредните внатрепартиски избори се распишани со одлука на Извршниот одбор и ќе се одржат на 30 јуни 2024 година (недела).
Деталите околу постапката, правилникот и критерумите се содржани во Правилникот за критериумите, начинот и постапата за кандидирање и избор на претседател на СДСМ.
Сите документи од денеска ќе бидат јавно достапни на официјалната интеренет страница на партијата (www.sdsm.org.mk).
Изборите ќе ги спроведе Централна изборна комисија заедно со 80 општински изборни комисии и Одбори на избирачки места на локално ниво.
Можност за гласање ќе имаат сите членови на СДСМ кои активно ќе се регистрираат.
Периодот за активната регистрација e зголемен и изнесува 20 дена. Членовите ќе можат активно да се регистрираат преку две опции, преку онлајн алатката за активна регистрација којашто ќе биде достапна на интернет страницата на СДСМ во понеделник (03.06.2024) или втората опција преку општинските организации на СДСМ.
Од СДСМ велат дека овој процес ќе биде направен по највисоките демократски и организациски стандарди.
Со одлука на Централниот одбор, за 09 јуни 2024 година (недела) е закажан Конгрес на СДСМ. Покрај анализите на причините за изборниот резултат Централниот одбор предлага и измени на Статутот на партијата за мандатот на Претседателот избран на вонредни внатрепартиски избори да биде 4 години.
Синоќа се одржа првата седница на Централниот одбор на партијата по изборниот пораз, на која се очекуваше да се констатира оставката на претседателот Димитар Ковачевски и на целото раководство, да се утврди времената рамка за одржување отчетен конгрес, правилниците и критериумите за изборот на новиот претседател на СДСМ.