СДСМ во „позитивна кампања“, во која личностите не се важни, туку само партијата!

Тој е партијата, тој носи „партиски решенија“, а органите на СДСМ ги потврдуваат. Личностите не се важни, важна е „социјалдемократијата“. СДСМ така победува. И сето тоа заедно е суперпозитивно. Отприлика, така светот го разбира Зоран Заев.

3,492

Откако ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе води позитивна кампања – што и да му значи тоа – веднаш се огласи портпаролката на Бихаќка, со изјава дека СДСМ отсекогаш водел таква, позитивна кампања.

Хмм…






Ден по оваа комична објава, сите видовме што подразбира под поимот позитивна кампања лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Прво СДСМ позитивно го исклучи од членство актуелниот кумановски градоначалник Максим Димитриевски, кој немаше трпение да дочека да биде кандидиран од својата партија за претстојните локални избори. А немаше трпение, нормално, зашто најпосле сфати дека ќе биде изигран и отфрлен.

Потоа не разбравме кој орган го исклучил Максима од партијата. Заев ни „објасни“ дека „ваквото решение на партијата треба да биде потврдено на седница на Централниот одбор на СДСМ“. Добро, многу позитивно – партијата, значи, е Заев, а Заевото односно „решението на партијата“, го потврдуваат органите на СДСМ.

Ептен демократски, нема што!

Конечно, не беше доволно и тоа. Заев почувствува дека нападот на неговиот алтерего Љупчо Николовски врз Димитриевски не бил доволно „позитивен“, па мораше и тој да се огласи. За да каже дека Максим тргнал против Максим и дека во Куманово, како и во овие 30 години, нема да победи личност, туку СДСМ.

Аууу, па ова навистина е ептен позитивно за Куманово, за Кумановци и за личностите кои досега беа градоначалници!

Ние барем ги есапевме за некакви личности. А тие, всушност, според толкувањето на Заев, не биле никакви личности, туку само пиони или евентуално лауфери во купот фигури на СДСМ.

Но ајде, сите ние сега ќе се правиме на Тошо и ќе веруваме дека СДСМ навистина (како и секогаш, џанам) води „позитивна кампања“ и дека такви, позитивни во основа, се и воинствените повици на Зоран Заев.

Кој е партијата по себе. Чии одлуки и изјави после ги потврдуваат органите на СДСМ.

Повремено го менува Љупче. Го дополнуваат некои бејби фаци од подолните партиски ешалони, задолжени за црна кампања на социјалните мрежи. А секако, тука е и скапо платената медиумска булумента.

Веќе видено…

Изгледа дека сепак во право се оние што тврдат дека Заев и СДСМ се на мака. И дека сериозно страхуваат дека овие локални избори би можеле да означат значаен пресврт на расположението на избирачите, што би значело дека оваа гарнитура на власт веќе го доживеала својот зенит и дека сега патот за неа води само – прудолу.

Инаку, кога јас водам негативна кампања, велам дека за Заевата гарнитура веќе некое време патот води прудолу и без оглед на исходот на локалните избори.

Но еве, ветувам и јас, сега нема да зборувам така. На овие избори Геро ќе води само позитивна кампања. Како и секогаш.

Хахахаха!

 

Поврзани содржини