СДСМ ВО ПАНИКА ПРЕТКОНГРЕСНО СЕ ПРЕСМЕТУВА СО СВОИ ЧЛЕНОВИ По Шиповиќ и Богдановиќ, на тапет дојде и Деспотовски

„Отворено ќе кажам дека јазикот што сега се користи, помалку личи на оној СДСМ, кој сите искрени членови и поддржувачи, па и пошироката јавност сака да го види повторно“ – рече Деспотовски во изјава за Дојче Веле и си навлече неконтролирани изливи на гнев од СДСМ.

313

По нападите врз истакнати поранешни членови на СДСМ, кои критички се изразија кон раководството на партијата и кон нејзините актуелни политики, па дури некои од нив, како ексградоначалникот Петре Шилегов, побараа оставка од лидерот Филипче, сега Центарот за информации на СДСМ се нафрли со обвинувања и кон Јован Деспотовски, истакнат партиски кадар и поранешен претендент за претседателската функција во СДСМ. Освен врз Деспотовски, прес центарот на СДСМ се нафрла со критики и врз порталот Дојче Веле, и развива теории на конспирација за наводен заговор против СДСМ, инспириран од Србија!?

Имено, во авторска анализа на Дојче Веле, под наслов „Како речникот на СДСМ го убива имиџот на партијата“, авторката, долгогодишната новинарска и колумнистка Катерина Блажевска, објавува и изјава на Деспотовски, во која тој јасно и отворено го критикува агресивниот и чуден начин со кој партијата комуницира со јавноста и новинарите во последно време, оценувајќи дека тој јазик што се користи не доликува на сериозна партија како СДСМ.






– Во право сте кога забележувате промени во последно време. За жал, не се само новинарите, односно медиумите, тие што генерално го забележуваат тоа, туку и поширок круг на наши сограѓани. Нема да коментирам одделни случаи, изнесени политички ставови, ниту „цели“ на овие соопштенија. Но, отворено ќе кажам дека јазикот што сега се користи, помалку личи на оној СДСМ, кој сите искрени членови и поддржувачи, па и пошироката јавност сака да го види повторно – вели Деспотовски.

Тој јасно вели дека ова не е вистинскиот пристап кон јавноста за враќање на довербата кај граѓаните во СДСМ.

По овие изјави Деспотоски се најде на удар и на лидерот Венко Филипче, кој на денешниот брифинг со новинарите пред седницата за пратенички прашања, се пожали дека „во момент кога СДСМ ги открива криминалните зделки на власта, ВМРО-ДПМНЕ спроведува организирана акција со обиди за уривање на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија одвнатре.“

Фрчат обвинувања кон сите страни 

Не спомнувајќи го Деспотоски по име, Филипче рече:

– Наши поранешни функционери, еден поранешен функционер, други двајца, претходно едниот којшто не се појавил во јавноста со години, некои луѓе коишто не се веќе во партијата, туку заминале во предавничката ЗНАМ, сега наеднаш во овој момент излегуваат и се активираат и се гласни на јавните мрежи – рече Филипче.

Лидерот на СДСМ изнесе обвинувања дека зад сето тоа стои ВМРО-ДПМНЕ, па дури и посочи „можни финансиери“, инволвирајќи по име и презиме правен субјект – банка.

– Тоа што во меѓувреме го дознавме е дека сето ова е организирано од ВМРО-ДПМНЕ и дека целиот проект го води ВМРО-ДПМНЕ. Тие се налогодавачи, финансиери. Во позадина, еден од можните финансиери на целиот овој проект е Алта банка – банката која дојде од Србија со сомнителен капитал, на која нашите власти ѝ ги отворија ширум вратите, а во европските земји не ѝ дозволуваат влез поради сомнително потекло на капитал – рече Филипче.

СДСМ верува дека е жртва на заговор за уривање од внатре

Истата теза – дека постои некаква конспирација за уривање на „СДСМ одвнатре“, до крајни граници го разви подоцна со соопштение и Центарот за комуникации на СДСМ, токму изворот на тој „новоговор“ во односите на СДСМ со јавноста, кој ги буни и новинарите и читателите, а сѐ повеќе ги загрижува и новинарските здруженија.

Во соопштението на СДСМ се пука „наголемо“ па се вели дека „се води кампања за обид за дестабилизација на СДСМ одвнатре, од страна на ВМРО, а координирана од центарот на СНС (Српска напредна странка, владејачката партија во Србија).

„Денес имаме и посебен пример: еден наш член, по неуспешното вчерашно медиумско обраќање, ја продолжува кампањата во еден значаен и релевантен медиум со тврдења дека СДСМ го сменил начинот на комуникација и дека тоа не му прилега. Неполни две минути по овој текст, веќе излегува однапред подготвен текст на истата тема (сега целосно видливо) на еден од познатите портали, на Геро. Значи или овој наш член одговорите ги пратил и кај Геро или во координација со него се пишувани неговите одговори. На овој начин тие самите го нарушија и угледот на релевантниот медиум каде што излезе авторскиот текст. Да не побрзаа и да почекаа барем малку, еден час по објавата на првиот текст, некој можеби и ќе поверуваше дека такво нешто е можно. Вака, сè е кристално јасно. Невозможно е да се напише толку обемен текст за толку кратко време, а уште помалку да се уреди и објави на портал. Сами се разоткрија – со сопствена грешка во чекорите“, заклучува Центарот на СДСМ.

Ова за центарот е големо „разоткривање“, не помислувајќи дека она што го пишуваше Плусинфо, а сега и Дојче Веле не мора да е резултат на никаков договор, или конспирација, туку на простиот факт дека секој нормален новинар, па и читател, денеска не може да се изначуди на комплетното бунило и манијакалност што излегува од соопштенијата на СДСМ, па смета дека тоа е вредно за новинарско тематизирање и анализа.

„Српскиот свет“ – секојдневна инспирација на македонската опозициска партија

Уште еден елемент од новата пиар стратегија на СДСМ, која комплетно ја буни јавноста е тоа постојано кокетирање со Србија, српски свет и вовлекување на српскиот претседател Вучиќ во приказната.

Еве што рече Филипче на денешниот брифинг со новинарите:

„Очигледна е соработката на оваа власт со српската власт на Александар Вучиќ и на СНС, односно лично со него. На граѓаните веќе им паѓа во очи како премиерот Мицкоски сака да го имитира претседателот Вучиќ, во движењата, во стоењето, во начинот на давање изјави и во концептите на политиката. Прекарот веќе го доби, малиот Вучиќ. Тоа што го прави Вучиќ во Србија, премиерот Мицкоски се обидува да го направи кај нас – еден човек да ја претставува целата политика и целата партија, а сите други да ги извршуваат неговите наредби.“

Опсесијата со Србија и со СНС кај СДСМ можеше да се забележи и кај последните напади врз нивниот поранешен истапкнат член Саша Богдановиќ. СДСМ со партиско соопштение распука по поранешниот градоначалник на Центар, кој во последно време го критикува раководството на СДСМ, нарекуваќи го „Координатор на СНС за Македонија“ кој „ја продал партијата за пари“.

Забележувајќи дека нешто не е во ред со партиската пропагандна машина, Богдановиќ возврати:

„Очигледно некој треба да му го одземе пристапот од Фејсбук страницата и веб страната на СДСМ и на тој што ги пишува соопштенијата затоа што ако има лични фрустрации од некого не треба да ја користи партијата за свои пресметки.“

Овие избрзани и непромислени напади на СДСМ врз медиуми, и свои поранешни членови, познавачите на приликите во опозициската партија ги врзуваат со нервозата што владее во врвот на партијата, во пресрет на партискиот конгрес најавен за 24 јануари.

Поранешен истакнат член на раководството на СДСМ вака за Плусинфо ја коментира актуелната кампања на СДСМ:

– Духовниот отец на Венко, Заев Џонг Ил, пред пет години, по повод годишнината од „црниот понеделник“ беседеше дека слободата и демократијата немаат цена. Се разбира, неговите лаги, лицемерни изјави, до ден денес не можеме да ги изброиме. Сега Венко Јонг Ун, во својство на стечаен управник делегиран од „ростерот“ на Муртино, во стилот на Никола Груевски, кој говореше за ножиња во грбот и црташе мети на новинарите и политичките неистомисленици, го започна ловот на вештерки. Демек, по налог на Мицкоски и со пари на Вучиќ, му се спремал пуч во партијата, затоа што почнал да ги разоткрива криминалите на актуелната власт. Пфффф, стомачните ме болат од смеење. Венко откривал криминал на власта?!!! Како велеше онаа народната – најчесто лоповот е најгласен и вика држете го лоповот. Како тргнал, ќе заврши како последниот Мохиканец кој последен ќе разбере дека и тој и неговиот духовен отец неповратно стануваат за искрените и чесни партиски членови најомразените ликови, кои криејќи се зад симболите на СДСМ, единствено се борат за заштита не нелегално стекнатото богатство бескрупулозно жртвувајќи ги дури и нивните лојалисти.

Како речникот на СДСМ го убива имиџот на партијата

Поврзани содржини