СДСМ ТВРДИ ДЕКА ПОТПАЛУВАЧОТ НЕ Е НА ФОТОГРАФИЈАТА ШТО ЈА ОБЈАВИ ЛЕФКОВ Партијата најави дека ќе поднесе тужба за клевета
„Очекуваме Јавното обвинителство веднаш да отвори предмет за ширење лажни вести и загрозување на правната сигурност, а Лефков да се извини не само на семејството на човекот што го излажал, туку и на целата јавност“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
СДСМ тврди дека приведениот возач-потпалувач од Струмица не е на фотографијата што денеска ја објави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
„Денес, пред целата јавност, Лефков флагрантно излажa. Наместо факти, тој пласира лажна фотографија од сосема друг човек, со цел да ја поврзе трагедијата од пожарите со Зоран Заев и СДСМ. Човекот на фотографијата што ја објави Лефков не е приведениот за подметнување пожар и се презива Барабановски. Станува збор за класична политичка монтажа и опасна манипулација, во која Лефков намерно подметнува лажна информација за да создаде вина и да ја дефокусира јавноста од неспособноста и неуспехот на власта да се справи со реалните пожари и кризи“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
Од партијата велат дека во нормална демократија, пратеник кој јавно изнесува лажни обвинувања врз основа на монтирани фотографии би си поднел оставка, но не и Лефков.
„Очекуваме Јавното обвинителство веднаш да отвори предмет за ширење лажни вести и загрозување на правната сигурност, а Лефков да се извини не само на семејството на човекот што го излажал, туку и на целата јавност“, се додава во реакцијата на СДСМ.
Партијата најави дека ќе поднесе тужба за клевета и нарушување на углед.