СДСМ со виртуелни митинзи, мали собири во живо и со здравствена кампања во трка по гласови

Од кампањата многу ќе зависи и излезноста на граѓаните на денот на изборите, вели функционер на СДСМ.

632

Виртуелни наместо големи митинзи, можни собири со 50 до 100 граѓани ако бројката на новозаразени падне под 100, комуникација преку социјалните мрежи, но и пораки од изборната програма на коалицијата „Можеме“ на билборди. Ова е концептот со кој СДСМ ќе ја води кампањата за претстојните парламентарни избори кои ќе се одржат на 15 јули, вели за Плусинфо висок функционер на СДСМ.

Пандемијата на коронавирусот го измести традиционалниот начин на кој партиите им ги претставуваа изборните платформи и програми на граѓаните, па така, наместо масовни митинзи на кои присуствуваа десетици илјади граѓани, сега првпат партиите ќе се обидат да ги придобијат гласачите со виртуелни кампањи.






ДУИ меѓу првите ја почна својата кампања за премиер Албанец преку видеообраќањето на лидерот Али Ахмети. Промоцијата на нивното барање ја продолжија функционерите преку изјави во живо или преку објави на Фејсбук. Предлогот за прв премиер Албанец беше промовиран и преку светлечка реклама на скопското Кале, но и на билборди со порака за трета опција, сугерирајќи за премиер Албанец или пораката „Зошто да не“.

Од СДСМ велат дека цел на кампањата ќе биде да ги придобијат гласачите првенствено со својата програма која на избирачите ќе им ја претстават преку социјалните мрежи и преку медиумите.

– На гласачите ќе им ја претставиме програмата преку печатените и електронските медиуми, социјалните мрежи Фејсбук и Твитер и билборди. Масовните настани ќе бидат преку видео стриминг, односно од секој град лидерот на партијата и носителите на пратеничките листи виртуелно ќе ја претстават програмата и во интеракција со граѓаните ќе презентираат дел од програмата. Со виртуелните митинзи се избегнува да се загрози здравјето на граѓаните и тие нема да се малтретираат да дојдат на митинзи, а се избегнува и масовното носење на гласачите со автобуси – вели функционерот на СДСМ.

Според него, можно е да има помали собири со граѓаните, но само ако бројот на новозаразени падне под 100. Во таков случај, вели тој, собирите би биле со 50 до 100 луѓе. На таквите собири ќе се внимава целосно да се почитуваат протоколите за заштита на граѓаните, односно ќе мора да се носат маски и да се запази дистанцата од 2 метра. Таквите собири би се одржувале на отворено, во парк.

Функционерот вели дека најверојатно ќе нема кампања од врата на врата. Во замена за ова ќе се поставуваат мали штандови со брошури и програмата на СДСМ и коалицијата кои ќе бидат поставени помеѓу повеќе згради во едно маало или населба, и кој сака од граѓаните ќе може да се информира. Планот е брошури со делови од изборната програма да оставаат пред портите и праговите на домовите на граѓаните без контакт со нив.

– Здравствената кампања ќе биде најдоминантен дел од изборната кампања која ќе ја водиме, бидејќи и по изборите ќе живееме со коронавирусот, но и за да ги информираме граѓаните како да се заштитат за денот на гласањето. Од кампањата многу ќе зависи и излезноста на граѓаните на денот на изборите – вели функционерот на СДСМ.

Поврзани содржини