СДСМ само се глупира со лагите за мигранти од Велика Британија
Венко Филипче влезе во жестока битка против непостоечки мигранти и против еден целосно измислен аранжман со Велика Британија. Целата герила политичка акција на Бихаќка се темели на упорно повторување на лажни наративи и на целосно непознавање на темата.
Да ми кажеше некој дека Венко Филипче и пропагандата на СДСМ ќе се закачат на темата „мигранти“ и дека ќе се обидат да ја воздигнат на ниво на судбинско прашање за Македонија, да бидам искрен – немаше да му поверувам.
Ќе си речев, сепак не може да се толку блесави!
Додуша, познато е дека СДСМ го има изгубено својот политички и идеолошки компас и дека од поодамна не произведува политики, туку памфлети и шашми. Тоа го гледаме и во анализите на водечките „идеолози“, кои се номинирани како „независни интелектуалци“, но се клиентилистички и персонално поврзани со идеолошкиот центар на СДСМ.
Тие луѓе до вчера, на пример, предвидуваа спектакуларна победа на Зеленски во војната со Русија, предвидуваа брз пад на Путин, по доаѓањето на Трамп најавија повлекување на САД од Балканот и генерално „крај на светот“, сега се силат дека Европската унија ќе ја презела клучната ролја во битката против Русија, а Германија ќе се вооружела до заби за да стане европски лидер во битката против Русија, Америка и Енглеска, биќе земља пролетерска…
Какви будалаштини не се изнаслушавме од овие луѓе, човече!
Бидејќи тие и досега ги забавуваа и јавноста и врхушката на СДСМ со своите бесмислени анализи и неостварени предвидувања и бидејќи само клиничкиот случај Тричковски собра троа доблест да признае дека светот дефинитивно тргнал во насока спротивна од неговите очекувања и желби, ми се чини основана претпоставката дека само таа мала група можела да му смисли на Венко Филипче нова лузерска тема за герилска политичка акција, за да создаде макар привид дека на Бихаќка не е сè така мртво и тегобно како што изгледа.
И така, „опасноста што нè очекува со мигрантите“ поради наводниот аранжман меѓу владите во Скопје и Лондон за „прифаќање мигранти во Македонија“, во замена за британски фунти, стана тема дудинка закачена на остра јадица, што безидејниот Филипче, советуван од неговата „граџанска интелектуала“ во фаза на преживување, ја проголтал како клен.
Дебата во стилот „како мали Ѓокица замишља“
Дебатата во „британските медиуми“, на која се палат нашиве лузери, е дебата во стилот „како мали Ѓокица замишља“. Нема ниту еден реален аргумент во прилог на тезата дека Македонија има потреба и можности да интегрира мигранти на својот пазар на трудот, на тие несреќни луѓе да им нуди мигранти пасоши и некаква слобода на движење во земјата, плус да гласале за ВМРО-ДПМНЕ (ова последново Филипче сигурно самиот го смислил).
Нема основа да се помисли дека македонската влада – дури и да сака, а не сака! – би можела, врз основа на такви претпоставки, со било која влада, да склучи договор за преземање мигранти во замена за пари!
Секој што има барем малку точни информации за темата „мигранти“, знае дека еден таков аранжман не би зависел од политичката волја на владите во Лондон и во Скопје, дури и без оглед на ноторниот факт дека владата на Христијан Мицкоски упорно и секојдневно ги демантира измислиците на СДСМ, а Мицкоски лично ја заложи и својата политичка кариера ако Венко Филипче успее да пронајде макар еден мигрант во Македонија како дел од еден таков аранжман.
Ќе повторам, за да биде појасно – ова не е прашање кое зависи од било чија политичка волја „за“ или „против“ прием на мигранти. Џабе Филипче се пењави и се заканува со „резолуција против примање мигранти“, со некаква антимигрантска „онлајн петиција“ и дури и со протести, на кои СДСМ ќе го поттикнел народот да кажел „не“. Сето тоа е терање некаква нова курч политика, која нема врска со реалноста.
Мигрантите не се заинтересирани да дојдат во Македонија
А реалноста е видлива и предвидлива за секој што сака темата да ја анализира со информации, со отворен ум и без евтина пропаганда – мигрантите не се заинтересирани да дојдат во Македонија!
Во текот на големата мигрантска криза пред неколку години, илјадници мигранти легално и илегално минаа низ нашата земја и речиси никој не посака „да се интегрира во пазарот на трудот“ и да остане да живее во Македонија. Не затоа што на пазарот на трудот нема побарувачка за работна сила во разни струки. Има. Проблемот е во тоа што цената на трудот во Македонија е релативно пониска од цените на пазарите на трудот во западноевропските земји. Тоа е причина поради која и многу наши граѓани си заминуваат од Македонија.
Зошто некој мисли дека мигрантите, кои ги напуштиле своите огништа во своите напатени далечни земји, ќе запрат и ќе се вљубат баш во Македонија, баш тука ќе се „интегрираат“ и така ќе ѝ помогнат на владата на Мицкоски да заработи куп британски фунти?!
Видел ли некој барем една сериозна, аргументирана, експертска анализа, која вели дека постои нагласен интересен на мигрантите за интеграција токму на пазарот на трудот во Македонија?
Дали е јасно дека без таков интерес, Македонија – како и било која друга земја во светот – би можела на својата територија да прими само мал, ограничен број мигранти, кои би ги чувала во бегалски кампови? Дали е јасно дека тоа од нашата земја никој не го бара и ниту има смисла да го бара?
Примерот на Албанија и шпекулациите за т.н. Модел Руанда
Не знам дали Филипче и неговата десеткувана екипа чуле за примерот на еден таков проект во Албанија. Патем речено, Албанија е фалена, нели, како земја која најбрзо напредува кон ЕУ и на која ние треба да се угледаме и од неа да учиме. Е па еве, малку информации за „аналитичарите“ од Бихаќка, кои не гледаат подалеку од носот.
Во февруари 2024 година, Италија и Албанија официјално потпишаа договор според кој Италија може да префрла до 36.000 баратели на азил годишно, во два приемни центра за азил на албанска територија, лоцирани покрај пристаништето Шенѓин. Идејата е по префрлањето во Албанија, мигрантите да бидат тестирани, регистрирани и нивните барања за азил би биле обработувани додека престојуваат таму. Но, откако центрите се отворени, до сега пристигнале само мали групи мигранти.
Одговорот зошто е тоа така е познат. Албанија не е нивна цел, огромен дел од мигрантите кои стигнуваат во Италија имаат јасни дестинации: Германија, Франција, Австрија, Скандинавија.
Албанија не нуди пат кон ЕУ статус, работа или обединување со семејствата. Иако центрите се под италијанска надлежност, многу мигранти мислат дека префрлањето во Албанија е прв чекор кон протерување, а не кон Европа. Забележани се случаи каде мигранти одбиле да се качат во автобус или на брод, кога дознале дека одат за Албанија. Дел дури бегале од италијанските центри, за да избегнат трансфер.
Кога веќе спомнуваме примери, во дел од јавноста Велика Британија се поврзува со т.н. Модел Руанда. Па се шпекулира дека постои опасност тој модел да се преслика на европски терен токму во Македонија. Оваа шпекулација е уште еден класичен пример на лажен наратив креиран со недозволива доза на незнаење.
Имено, точно е дека во 2022 година е креирана политика според која барачи на азил што нелегално пристигнале во Обединетото Кралство може да бидат префрлени во Руанда, без право да се вратат во Британија. Точно е и тоа дека британската влада ѝ плаќа на Руанда стотици милиони фунти за сместување, логистика и за интеграција на мигрантите. Но, поради низа политички и правни проблеми, до денес ниту еден мигрант не е префрлен во Руанда. Таа политика доживува тотален крах.
Идеолошкиот лупинг на СДСМ
Темата „мигранти“ е чувствителна и комплицирана и бара сериозна факторска анализа, за која британските таблоиди и „дискутантите од општа пракса“ на британските телевизии не се способни. Не дека една држава како Велика Британија не може да си обезбеди нужна и сеопфатна експертиза, но факт е дека Британците сега се во шок, а медиумите се во афект поради мигрантската криза што ги загрозува. А кога се луѓето во афект, размислуваат површно и често зборуваат непромислено.
Нејсе, Филипче и СДСМ ќе продолжат уште некое време да ги преџвакуваат шпекулациите и тезите што им ги нафрлаат нивните пропагандисти, додека јавноста конечно не се увери дека тоа се празни приказни за дневно-политичка употреба.
Но, зад оваа герила акција на Филипче, сепак ќе остане едно важно прашање – каков е овој политички и идеолошки лупинг на СДСМ?
Од кога тоа политиката на отсуство на емпатија и дури и омраза кон мигрантите е политика на СДСМ?
Нели таа партија до вчера се позиционираше лево и во центарот и се рекламираше како единствена „проевропска“ сила, како дел од „прогресивистичкиот“ свет предводен од ЕУ?
На една десничарска и конзервативна партија како ВМРО-ДПМНЕ можеби ѝ личи да води ригидна антимигрантска политика. Како Орбан и Фицо, на пример. Или како Полјаците. Ама Филипче барабан со Орбан?!
Знае ли Венко Филипче дека постои и формално уреден нов тренд во европската миграциска политика, при што ЕУ преку новото законодавство дозволува азил-процедури да се водат во трети земји, со цел да се намали притисокот врз земјите-членки? СДСМ е против таа нова европска политика?
Една влада на која ѝ се префрла дека води „антиевропски политики“, како што тоа често се зборува за владата на Мицкоски, можеби може да си дозволи да каже дека е против тој тренд и да вети – како што ветува, впрочем – дека Македнија нема да прими мигранти. Но, од кога тоа СДСМ и Филипче цврсто стојат на позиции контра ЕУ, па уште најавуваат и антимигрантски протести?!
Ако е ова новиот лик на СДСМ, тогаш мора да кажам дека сум изненаден. А можам да замислам колку се и колку допрва ќе бидат изненадени и европските бирократи во Брисел, а особено креаторите на мигрантската политика на ЕУ.
Што да кажам друго на крајот, освен – Венко Филипче навистина не знае кај тера. Изгледа уште еднаш го џитнал сидрото да влече напред, па што биде нека биде!
ПС. Пријателски совет до претседателот на СДСМ: Докторе, смени си ги надворешните советници и суфлери. Аман човече, па како не гледаш дека мајката ви ја расплакаа?! Дали знаеш дека еден од нив своевремено предвиде дека интернетот ќе трае кратко и дека Пентагон брзо ќе го укине?