СДСМ СЀ УШТЕ НЕ СФАЌА ЗОШТО НАРОДОТ НЕ ГО САКА Владата за 10 месеци направи повеќе од Филипче, Заев и Ковачевски заедно, посочува ВМРО-ДПМНЕ
И наместо (членовите на СДСМ) да очајуваат зошто Владата работи, треба да излезат и да ги пофалат проектите кои се од корист за граѓаните, велат од владејачката партија.
„И по 10 месеци (СДСМ) не научи ниту една лекција зошто народот не го прифаќа. Знаеме дека од СДСМ најсреќни би биле да нема проекти, да нема ленти и да нема развој, но за нивна жал и за среќа на граѓаните тоа нема да се случи. Ги советуваме прескапо платениот Спасов и агенцијата ‘Рејтинг’ да си ја сменат ПР стратегијата“.
Ова го соопшти владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, како одговор на обвиненијата на партијата СДСМ дека премиерот Мицкоски ги промовира успесите на СДСМ како свои.
„И наместо да очајуваат зошто Владата работи, се додава во соопштението, треба да излезат и да ги пофалат проектите кои се од корист за граѓаните. За 10 месеци се направи повеќе од 7 години власт, Филипче, Заев и Ковачевски“, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Одговорот на владејачката партија следува по соопштението на СДСМ.
„Мицкоски вчера од Штип повторно се обиде да се накити со туѓи перја и да ги промовира инвестициите на СДСМ како свои. Гордо Мицкоски најави дека оваа недела започнува со работа фабриката на канадската компанија „Магна”, најавувајќи ја како ‘нова странска инвестиција’. Но, штипјани имаат подобра меморија од него – тие знаат дека оваа инвестиција беше најавена уште во мај 2023 година, од тогашниот премиер Димитар Ковачевски и од Владата на СДСМ“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Фабриката на „Магна”, се додава во соопштението, е резултат на стратешките економски политики на СДСМ.
„Обидот на Мицкоски да ја претстави оваа инвестиција како сопствен успех е евтин ПР трик – очајнички обид да се прикаже некаква работа, откако речиси 1 година не успеа да донесе ниедна нова значајна странска инвестиција. Реалноста е дека Мицкоски и неговата Влада речиси една година тапкаат во место кога станува збор за економијата. Единственото нешто што го „промовираат” се проекти започнати од претходната Влада, а граѓаните гледаат сечење ленти на проекти кои биле целосно реализирани од претходната влада. СДСМ беше и останува партија што носи реални резултати за граѓаните и економијата. Во време на нашето владеење, Северна Македонија беше препознаена како стабилна и атрактивна дестинација за странски инвестиции. Не со лажен ПР на веќе започнати проекти, туку со вистински нови фабрики, вработувања и економски раст“, обвинува СДСМ.
На Мицкоски му порачуваме, додаваат од партијата, може да глумиш колку сакаш, но економски раст не се гради со лаги и ПР. Се гради со работа, велат тие, нешто што него очигледно сè уште не му е познато.