СДСМ ПАК СИ ИГРА СО БОМБИ, НАЈАВУВА ПРОЕКТ БОМБИ 2.0 Млади сдсмовци ќе пуштаат кривични пријави против власта

Превенцијата не успеа, корупцијата ескалираше. Секој што крадел ќе одговара. Ние ги спремивме новите бомби, 2.0, утре ќе објавиме нова, за нов скандал и корупциска шема на владејачката гарнитура, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

6

Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, најави дека партијата пак ќе пушта бомби, а наместо нелегално прислушкувани разговори, сега бомбите ќе биле кривични пријави против актуелни функционери за корупција што ќе ги изготвувале млади партиски активисти кои Филипче ги нарече „нова сила“.

Денеска на прес-конференција тој упати повик до главната европска обвинителка, Лаура Ковеши да ја посети Македонија, за да ја запознат со, како што рече, „малверзациите што ВМРО-ДПМНЕ ги прави со европските фондови“. Филипче најави и дека партијата ќе покани и италијански антикорупционери кои имаат искуство во сузбивање на мафии, па штом ја сузбиле Коза Нотра, ќе ја победеле и актуелната „мафија на ВМРО-ДПМНЕ“.






– СДСМ ја повикува европската обвинителка Лаура Ковеши да се запознае со малверзациите со европските фондови, меѓу кои и тоа што е веќе јасно, ИПАРД програмата во која се загрозени 130 милиони евра. Власта единствено нешто што прави со скандалот со ИПАРД е да ја дефокусира јавноста. Наместо одговорност после апсењето на директорот во Агенцијата за финансиска поддршка, член на ВМРО-ДПМНЕ, гледаме само спинови и обвинувања кон опозицијата. Не е ова темен вилает на ВМРО-ДПМНЕ да си играат со судбината на Македонија и со европската иднина на граѓаните – рече Филипче.

Втората иницијатива на Филипче е антикорупциски тим, кој, како што рече, ќе биде составен од експерти, советници од областа на правото и финансиите, но пред сè, млади активисти и истражувачи на СДСМ, кој е во рамките на партиската програма „Нова сила“. Според Филипче, овој тим ќе истражува скандали, ќе ги разоткрива сите корупциски шеми и ќе поднесува соодветни пријави до национални и меѓународни институции.

– Превенцијата не успеа, корупцијата ескалираше. Секој што крадел ќе одговара. Ние ги спремивме новите бомби, 2.0, утре ќе објавиме нова, за нов скандал и корупциска шема на владејачката гарнитура – рече Филипче.

Поврзани содржини