СДСМ ОБВИНУВА БЕЗ ДОКАЗИ И СЕ МЕША ВО ИСТРАГАТА ЗА КОЧАНИ Власта на СДСМ цел мандат ја игнорирала дискотеката „Пулс“, реагира ВМРО-ДПМНЕ
СДСМ нека ги провери сопствените траги пред да покажува со прст – институциите како никогаш претходно темелно постапуваат по трагедијата во Кочани. СДСМ денес прозива поименично лица од институциите, но го премолчува фактот дека токму во нивниот мандат дискотеката „Пулс“ работела без лиценца со години, а последните 5 години инспекцискиот надзор бил минимален, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Изнесувањето на обвинувања без докази во случај на истрага е пример за политичко мешање во правосудството, нешто што СДСМ го правеше системски 7 години, реагира ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од СДСМ во врска со истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Опозициската СДСМ го обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека во истрагата ги штити актуелните одговорни функционери.
„СДСМ нека ги провери сопствените траги пред да покажува со прст – институциите како никогаш претходно темелно постапуваат по трагедијата во Кочани. СДСМ денес прозива поименично лица од институциите, но го премолчува фактот дека токму во нивниот мандат дискотеката „Пулс“ работела без лиценца со години, а последните 5 години инспекцискиот надзор бил минимален. Тоа се времиња кога Министерството за внатрешни работи и Државниот инспекторат биле под нивна контрола. Во 2023 и во 2024 година, нема ниту една пријава поднесена до општината Кочани или друг надлежен орган од службени белешки на полицијата, што покажува дека се работи за административно игнорирање на проблемот под раководство на претходната власт. Фалсификувани документи или нерегуларности, доколку постојат, се предмет на вештачења и институционални проверки. Да се сугерира исходот однапред значи да се притиска врз органите кои треба непристрасно да си ја завршат работата“, се веливореакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Премногу е лесно да се биде „загрижен“ откако ќе се изгуби власт, додава ВМРО-ДПМНЕ.
„Но, вистинскиот тест на политичка зрелост и морална доследност е да се постапува одговорно додека си на власт, кога имаш можност да спречиш, а не само да коментираш по настаната штета. Тој тест СДСМ го падна, повеќе пати и со последици што граѓаните ги плаќаа со живот. Да потсетиме. Во трагедијата со модуларната болница во Тетово, каде што загинаа 14 лица, СДСМ ги штитеше своите кадри. Наместо оставки и одговорност, добивме објаснување дека „пациентите не изгореле, туку се задушиле“. Постапката се влечеше, јавноста никогаш не доби јасни одговори, а клучните носители на таа политика беа унапредени. Во бројни случаи на фатални сообраќајни несреќи, граѓаните беа оставени без информации, истрагите беа заташкувани, а одговорноста секогаш се префрлуваше надолу по вертикалата – кон службеници од понизок ранг. Ниту еден функционер од повисок ешалон на СДСМ не понесе лична одговорност, ниту во услови на масовен корупциски скандал, ниту при очигледна административна небрежност со фатални последици“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Затоа, се додава, денес кога СДСМ повикува на одговорност, јавноста има целосно право да праша: каде бевте вие кога требаше да покажете истата таа одговорност? Зошто молчевте тогаш, а викате денес? Зошто ги штитевте вашите, а денес обвинувате?
„Токму затоа, поразително е што тие кои најмалку имаат кредибилитет да зборуваат за правдата, први се на ред да се претставуваат како нејзини бранители. ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема да има заштита за никого – независно од партиската или институционалната припадност. Јавноста ќе добие одговори врз основа на факти, не прес-конференции“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.