СДСМ НАМЕРНО ПРОДОЛЖУВА ДА ШИРИ ПАНИКА Слободата на изразување не е дозвола да лажат за мигранти, регира ВМРО-ДПМНЕ

Резолуцијата е уставно дозволен политички акт, не задира во човековите права и не создава правни последици по слободата на говорот, а СДСМ повторно избира паника наместо аргументи, политичка конструкција наместо уставно право. Резолуцијата е уставна, а лагите за мигрантски кампови се политичка манипулација, реагира ВМРО-ДПМНЕ нанајавата на СДСМ дека ќе ја оспори Резолуцијата пред Уставниот суд.

0

Наводите на СДСМ дека усвоената Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција е неуставна и дека ја нарушува слободата на изразување претставуваат грубо неразбирање или свесна злоупотреба на уставно-правната природа на овој акт, реагира ВМРО-ДПМНЕ на најавите на опозициската партија дека документот ќе го оспорат пред Уставниот суд, затоа што го рушел уставниот поредок.

„Резолуцијата е политички акт на Собранието, со декларативен карактер, преку кој законодавниот дом изразува став, оценува појави од јавен интерес и утврдува политички позиции. Таа не е закон, не е подзаконски акт и не создава општообврзувачки норми, ниту пак воведува забрани, санкции или ограничувања на права и слободи. Оттука, тврдењата дека со Резолуцијата се гуши слободата на говорот се правно неосновани. Слободата на изразување, гарантирана со Уставот, може да биде ограничена само со закон, под строго утврдени услови. Во конкретниот случај, не постои ниту законска интервенција, ниту правен механизам што би ја ограничил политичката активност или јавното изразување на СДСМ или на кој било друг политички субјект“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.






Резолуцијата, се додава, не забранува дебата, не забранува изнесување ставови и не воведува цензура.

„Таа осуда на дезинформации не претставува уставно-правна санкција, туку политичка оценка, што е целосно легитимно право на Собранието. Дополнително, уставната слобода на изразување не подразбира апсолутна слобода за ширење невистини, манипулации и намерно создавање паника кај граѓаните, особено по прашања што директно ја засегаат јавната безбедност и општествената стабилност“, се вели во соопштението.

Политичката критика е дозволена и заштитена, а дезинформациската кампања не е уставна вредност, се додава во соопштението.

„Апсурдно е СДСМ да зборува за уривање на правниот поредок, кога токму тие во минатото носеа одлуки и склучуваа аранжмани поврзани со мигрантски центри без транспарентност, без јавна расправа и без јасна политичка одговорност. Денес, кога преку Резолуцијата јасно се потврдува дека нема и нема да има мигрантски кампови, СДСМ се обидува преку Уставниот суд да ја продолжи сопствената лажна кампања“, порачува ВМРО-ДПМНЕ.

Најавите за обраќање до меѓународни институции и до „прогресивни сили“ не можат да ја сменат правната реалност, додава партијата.

„Резолуцијата е уставно дозволен политички акт, не задира во човековите права и не создава правни последици по слободата на говорот. СДСМ повторно избира паника наместо аргументи, политичка конструкција наместо уставно право. Вистината е едноставна и правно чиста: Резолуцијата е уставна, а лагите за мигрантски кампови се политичка манипулација“, категорична е ВМРО-ДПМНЕ.

Новата потпретседателка на СДСМ, Јована Тренчевска, денеска рече Резолуцијата е неуставна, ја загрозува слободата на говорот и на политичко дејствување на опозицијата, целта е да се забрани каква било дебата за договорот мигранти за пари, а секој што ќе зборува јавно за мигранти, ќе одел во затвор.

 

СДСМ ЈА ОСПОРИ ПРЕД УСТАВНИОТ СУД РЕЗОЛУЦИЈАТА НА ВМРО-ДПМНЕ Ќе се бореле против мигранти, ќе барале помош и од граѓаните и од ЕУ

Поврзани содржини