СДСМ најавува завршница на преговорите со ДУИ: Се обврзавме да предложиме соодветни, чесни и способни кадри
И денеска продолжуваат конструктивните работни средби меѓу СДСМ и Коалиција „Можеме” и ДУИ, на ниво на генерални секретари, со цел обезбедување стабилна Влада која во полн четиригодишен мандат ќе ги испорача и оствари сите очекувани услуги и цели на граѓаните, соопшти СДСМ.
Откако двете партии, вели СДСМ, ги утврдија коалициските принципи и определби на евентуалната идна заедничка влада, денеска се работи на усогласување на победничките изборни програми на двете партии и на создавање на четиригодишна програма за работа на идната влада, во целост посветена на економијата, правдата, еднаквоста и интеграциите.
Во соопштението се наведува дека во тек е и распределбата на одговорностите според ресори во идната коалиција, процес во кој, како што велат, се постигнати добар напредок и начелни согласности.
„Двете партии се обврзаа да предложат соодветни, подготвени, чесни и способни кадри кои ќе ја реализираат програмата во целост за време на полн четиригодишен мандат. Партиските органи, партиските секретари и портпароли веднаш ќе ја известат јавноста за сите нови моменти во преговорите и ги замолуваат јавноста и медиумите да не ги земаат предвид шпекулациите. Учесниците во преговорите се свесни и во целост ја разбираат итноста и потребата за постизборна консолидација на институциите и очекуваат дека во следните денови ќе биде постигнат конечен договор“, стои во соопштението од СДСМ.