СДСМ МУ ВОЗВРАТИ НА ВМРО-ДПМНЕ Измислуваат непостоечки скандали за да го ублажат поразот на изборите во Скопје
„Од Белата палата можат да објавуваат нецелосни документи, неосновано да обвинуваат за наводна корупција и злоупотреби, но ништо нема да ги спаси од пораз на изборите, седми по ред“, вели СДСМ.
Во ВМРО-ДПМНЕ, исплашени од извесниот пораз на претстојните локални избори во градот Скопје, не престануваат да измислуваат и да конструираат непостоечки скандали за градоначалникот Петре Шилегов, соопшти СДСМ.
„Од Белата палата можат да објавуваат нецелосни документи, неосновано да обвинуваат за наводна корупција и злоупотреби, но ништо нема да ги спаси од пораз на изборите, седми по ред. Со ваквите настапи ВМРО-ДПМНЕ само потврдува дека нема никаква идеја, никаков предлог за подобрување на животот на скопјани, за модернизација на главниот град“, вели владејачката партија.
Од друга страна, тврди СДСМ, граѓаните гледаат дека понудата на ВМРО-ДПМНЕ за овие избори е понуда на кадри на Груевски и лица осомничени и осудени за сторени кривични дела.
„Затоа на ВМРО-ДПМНЕ не им останува ништо друго, освен со лаги, шпекулации и конструкции да се обидат да си го ублажат новиот убедлив пораз на изборите“, заклучува партијата.