СДСМ: Мицкоски тера морбидна кампања и дејствува опасно по здравјето на граѓаните

412

ВМРО-ДПМНЕ на чело со неспособниот Христијан Мицкоски, продолжува да тера морбидна партиско-политичка кампања на тема ковид со континуирани опструкции и лажни вести, реагира СДСМ по изјавата на Мицкоски дека неспособноста на премиерот Зоран Заев убива луѓе.

„Мицкоски грчевито се држи за својата фотелја во Белата палата иако три пати беше поразен на избори, а сега, оправдувајќи се со загриженост за здравјето на граѓаните, бега од уште еден дебакл, со неизлегување на предвремените локални избори во Штип и во Пласница. Мицкоски не е загрижен за здравјето на граѓаните, напротив тој е опасен за јавното здравје. Кога започна пандемијата, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се исмеваа со корона-вирусот, велеа дека е изговор за одложување на изборите, лажеа дека нема доволно тестови и заштитна опрема, ги делеа лекарите по партиска основа. Сакаа да ги одложат парламентарните избори за наесен, поради лажна загриженост за здравјето, а целата кампања ја истераа со масовни собири, со целосно игнорирање на мерките за заштита. По изборите, продолжија со кочењето и саботирањето на системот и мерките, а истовремено организираат собири, на кои воопшто не ги почитуваат мерките на заштита. За дополнително поткопување на сите напори за справување со кризата, членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Вело Марковски зборува дека коронавирусот не е опасен и дека не треба да се носат маски, со што ги збунува граѓаните“, се наведува во реакцијата на СДСМ.






Оттаму истакнуваат дека граѓаните знаат дека СДСМ носи мерки за заштита од коронавирусот, а ВМРО-ДПМНЕ ги прекршува.

„Граѓаните знаат дека СДСМ се грижи и инвестира во лекарите, а ВМРО-ДПМНЕ за 11 години не направи ништо за здравствените работници. Граѓаните знаат дека СДСМ има капацитет на организира фер и демократски вонредни локални избори, безбедни за здравјето на граѓаните, а ВМРО-ДПМНЕ бега од изборно соочување. Затоа ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски уште долго ќе останат во опозиција“, се додава во реакцијата на СДСМ.

Поврзани содржини