СДСМ: Мицкоски бега од избори во Штип, стравува за фотелјата во белата палата
Оттаму додаваат дека Мицкоски се обидуваше да избега и од парламентарните избори, и тогаш лажеше дека изборите се опасни за јавното здравје.
Владејачката партија СДСМ преку соопштение го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека бега од изборно соочување во Штип, свесен дека го очекува уште еден пораз од граѓаните за неговите деструктивни, безидејни политики, неконструктивното однесување и немањето став за прашањата, клучни за иднината на државата.
– Стравот од уште еден пораз и губењето на фотелјата во белата палата, Мицкоски го затскрива зад лажната загриженост за здравјето на граѓаните. Да се грижеше Мицкоски за здравјето на граѓаните немаше да ги поткопува сите напори во борбата против коронавирусот, со опструкции, критики и лажни вести. Само лицемер како Мицкоски бара вонредни парламентарни избори, а истовремено бега од предвремени локални избори во Штип – се наведува во партиското соопштение.
Оттаму додаваат дека Мицкоски се обидуваше да избега и од парламентарните избори, и тогаш лажеше дека изборите се опасни за јавното здравје. Но, институциите предводени од СДСМ на изборите на 15 јули покажаа дека може да се спроведе изборен процес целосно безбеден по здравјето на граѓаните.