СДСМ И НУКЛЕАРНА ЦЕНТРАЛА ЌЕ ОТВОРИ АКО ТРЕБА Опозицијата им се потсмева на фалбите на владејачката партија
„Во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ беше нормално да работат трите блока во РЕК Битола, без песови, фалби и сликање за нешто што е нормално. Владата во заминување ја забавува јавноста со пуштање во работа на Блокот 3, кој претходно самите го запалија, претставувајќи ја катастрофата која ја предизвикаа пред 400 дена, како триумфална победа, чиниш отворија нуклеарна централа или некоја од големите инвестиции што ги ветуваа“.
Ова е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на пресот со кој СДСМ се пофали дека прв пат во 70 години сите енергетски капацитети во Македонија работат со полн капацитет.
„Да не беше тажно, ќе беше смешно. Но, за жал сметката од овие самонаречени експерти кои ја уништија македонската енергетика на крај ќе ја платат граѓаните со двојно повисока цена на електрична енергија во евтина тарифа, почнувајќи од месец јануари. Изминатиов период Владата на СДСМ го активира својот ПР и започна со сопствено рекламирање и фалење како успешно се справува со енергетската криза. Секојдневните прес-конференции на Владата дека 100% го покрива регулираниот пазар со домашно производство и нула киловатчасови електрична енергија увоз, не се доволни за да се заборави најважното:
До скоро не можеше да помине недела без испад на некој производствен капацитет! Увозот на електрична енергија стана секојдневна реалност, па за периодот од 30 дена ЕСМ Продажба потроши за увоз 33 милиони евра, пари од буџетот, за да го надополни намаленото домашно производство.
Многу скапо не чини неспособноста на ЕЛЕМ да ги стави во функција производствените капацитети, па имавме секојдневни загуби од 1 милион евра, додека власта ја лажеше јавноста дека домашните капацитети не работат затоа што цената на струјата на берзата е поевтина од цената на произведената електрична енергија и поисплатливо било да се купува и да се заштеди на енергенси за производство“, вели ВМРО-ДПМНЕ и заклучува дека македонската енергетика под раководство на СДС и ДУИ е целосно уништена.