СДСМ И ДУИ СИ ПОСТАВУВАА СУДИИ И ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ ВО СВОИТЕ ПАРТИСКИ ШТАБОВИ Тие немаат право да зборуваат за независноста на судството
Во судството, избрано во штабовите на криминалната коалиција на СДСМ и ДУИ, нема правна разрешница за случаите како „Дурмо Турс“, модуларната болница во Тетово, како и за Онкологија, се наведува во соопштението на партијата ВМРО-ДПМНЕ.
„СДСM нема кредибилитет да зборува за судството и за независноста на институциите затоа што СДСМ, со својот коалициски партнер ДУИ, 7 години практикуваа исклучиво партизација на сите пори на општеството. СДСМ и ДУИ се синоним за партизација и за окупирање на институциите. СДСМ и ДУИ се синоним за партизација и за директно влијание врз правосудните органи“.
Ова се вели во соопштението на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ како одговор на обвинувањата на партијата СДСМ дека власта го партизира судството.
„СДСМ и ДУИ во нивните партиски штабови бираа и поставуваа судии и јавни обвинители. Тоа го покажа и последниот случај на црната листа на Стејт департментот каде што се најдоа поранешниот вицепремиер во владата на СДСМ и ДУИ, Артан Груби, и судијата Енвер Беџети за директно мешање и влијание во судски процеси и одлуки. Стратешкиот партнер САД обезбеди докази дека Артан Груби земал мито за да влијае врз судска одлука. Претходно судиите Наќе Ѓоргиев и Иџет Мемети, блиски до СДСМ и ДУИ, исто така признаа дека земале поткуп за да влијаат врз судски предмети“, се додава во соопштението на партијата.
Во судството, се наведува во соопштението, избрано во штабовите на криминалната коалиција на СДСМ и ДУИ, нема правна разрешница за случаите како „Дурмо Турс“, модуларната болница во Тетово, како и за Онкологија.
Во 7-годишниот период на владеење на СДСМ, заедно со нивниот коалиционен партнер ДУИ, го урнисаа правосудниот систем, така што довербата на граѓаните ја доведоа до 2%. ВМРО-ДПМНЕ работи на целосна трансформација, професионализација и независност на правосудните органи кои ќе донесат правда за сите во Македонија, а оние кои што се огрешија пред законите ќе одговараат“, потенцира партијата во своето соопштение.
Претходно, партијата СДСМ соопшти дека владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ врши притисок врз Судскиот совет и го партизира судството. Во прилог, соопштението на СДСМ во целост.
„Наместо реформи, власта спроведува брутална партизација и окупација на судството. Додека јавно се врши притисок врз Судскиот совет, избран е првиот судија од тефтерчето на Мицкоски. Сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ е назначена за член на Судскиот совет. Тоа е уште една потврда дека целта на власта е потполна контрола врз судството и ништо друго. Наместо независни институции, кои ќе судат по словото на законот, се враќа ‘Сваровски судство’ кое ќе биде продолжена рака на Мицкоски и неговата партија“, соопшти партијата.
ВМРО-ДПМНЕ, се наведува во соопштението, се обидува да создаде партиски контролиран судски систем кој ќе служи како нивна алатка за политички прогон и за заштита на криминалот во редовите на власта. Ова е истиот рецепт од времето на Груевски кога судиите беа алатки на режимот, а правдата беше глува за граѓаните.
„ВМРО-ДПМНЕ сака да биде и судија и егзекутор, да дели партиска наместо законска правда. СДСМ со месеци предупредува дека ова не е изолиран случај, туку јасна стратегија на премиерот Христијан Мицкоски и на неговата партија. Судиите да бидат само пиони кои ќе носат одлуки според партиски директиви. Партизацијата на судството е директен напад врз демократијата и врз владеењето на правото. Особено што се случува паралелно со партизација на безбедносните агенции, независните регулаторни тела и други институции. Со партиски окупирани институции и контролирано судство нема владеење на правото. СДСМ ги повикува сите демократски сили – граѓаните, правните експерти, граѓанските организации и независните медиуми – да застанат цврсто против обидите за партиска контрола врз судството. Ова е битка за демократијата, за владеењето на правото и за иднината на нашата држава“, се додава во соопштението на партијата.