СДСМ ГО ПОТОНА СПОРТОТ ВО МАКЕДОНИЈА Владејачката ВМРО-ДПМНЕ гради силен спортски систем
Спортот нема да биде ваш политички заложник. ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да гради силен спортски систем – без корупција, без манипулации, без СДСМ, објави ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ и грижа за спортот? Тоа е како да зборуваме за зимата и за пустината – едно со друго е во тотална спротивност, реагираше ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„Дека СДСМ биле на страната на спортот, знаеме само од бајките што самите си ги раскажуваат. Реалноста е сосема поинаква – спортот беше оставен во руини токму од СДСМ, а сега сакаат да глумат спасители. Прво, ги прашуваме: Каде беше вашата грижа за спортот кога се фрлаа пари на фиктивни проекти додека клубовите тонеа? Дали заборавивте дека под ваша власт спортот стана приватна партиска прчварница, каде вашите ‘миленичиња’ добиваа милиони, а клубовите со вистински успех едвај преживуваа? Вашиот систем на ваучери беше скандалозен – едни добиваа сѐ, други – ништо. Токму затоа се воведува нов, поправеден систем, каде што се вреднуваат вистинските заслуги и потенцијал, а не партиската книшка. Не заборавајте го случајот со Каевски и Наумче Мојсовски, кога парите за ваучерите завршуваа во приватни џебови, наместо во развој на спортот. Ете таква беше вашата грижа за спортот“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ повторно го користи спортот за евтин политички театар, обвинуваат од партијата на Христијан Мицкоски.
„Но, бројките се јасни: Под ВМРО-ДПМНЕ, спортот се враќа на вистинските патеки. Исплатите се транспарентни и базирани на заслуги, а не на ‘Партиско тефтерче на Заев’. И за крај, министерот Ристовски нема да поднесе оставка. Но, ако некому му е потребна оставка, тоа е на СДСМ – за целата штета што му ја нанесовте на спортот и на Македонија. Спортот нема да биде ваш политички заложник. ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да гради силен спортски систем – без корупција, без манипулации, без СДСМ“, објави ВМРО-ДПМНЕ.