СДСМ ГО ОБВИНИ МИЦКОСКИ ДЕКА „ЗА ТОРБА ПАРИ ЈА ПРЕДАЛ МАКЕДОНИЈА“ Зборуваат глупости, тврди ВМРО-ДПМНЕ

Дали е точно дека Мицкоски влетал во комуникација со лица кои имаат за цел да ја дестабилизираат државата, а биле финансирани од странски пари, рече денеска потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски, на што ВМРО-ДПМНЕ одговори дека тоа е признание дека го следеле Мицкоски со години, а сепак ништо не нашле против него.

380

СДСМ се заплетка и призна дека го прислушкувале и го следеле претседателот Христијан Мицкоски, како и новинари и бизнисмени, реагираше денеска пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски на обвинувањата од потпретседателот СДСМ, Методија Илиевски дека Мицкоски додека бил лидер на опозицијата за торба пари ги распродавал националните интереси, односно планирал дестабилизација на државата.

„Ако е така, зошто не го уапсија?“






Ако е така, зошто не го уапсија, реагираше и партијата ВМРО-ДПМНЕ.

– СДСМ најпрво тврдеше дека не прислушкувале, ниту следеле, за сега да ја свртат приказната за 180 степени и низ глупави тези да наметнуваат наратив за содржината на материјалите. СДСМ призна две работи. Прво, дека го следеле и го прислушкувале претседателот Мицкоски. Второ, дека иако го следеле и го прислушкувале 5 години, не нашле ништо спорно ниту противзаконски, а да имало одамна ќе отвореле постапка. СДСМ со ова признание го даде најголемиот доказ дека целиот државен апарат бил ставен во функција на тоа тие да опстанат што подолго на власт – изјави Петрушевски.

Јавното обвинителство не смее да молчи, очекуваме акција и разрешница, категоричен е Петрушевски.

СДСМ пак држи прес-конференции за „вистини“

СДСМ утрово помпезно најави дека на прес-конференција ќе продолжи да ја објавува „Вистината за случајот АНБ“. Потпретседателот на партијата Методија Илиевски рече дека имало оперативна обработка на Мицкоски од страна на Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност.

– Веќе втора недела Христијан Мицкоски и директорот на АНБ, Бојан Христовски одбиваат да ја дексласифицираат документацијата која би требала да го потврди случајот со наводното следење на Мицкоски. Не само што власта нема храброст да ја дексласифицира спомената документација, туку и прави сè за да ја саботира работата на надзорната собраниска комисија за работата на АНБ и АР. Вчерашната седница на надзорната собраниска комисија која треба да ја следи работата на службите мистериозно беше откажана иако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја потенцираа итноста таа веднаш да се одржи – рече потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски.

„Имало оперативна обработка, ама Мицкоски случајно влетал“

Од што се плаши Христијан Мицкоски, додаде тој.

– Дали Христијан Мицкоски се плаши од содржината на овие документи кои доколку се декласифицирани ќе ги покажат врските на премиерот со странски служби од непријателски држави? Дали е точно дека оперативната обработка на АР и АНБ, која власта одбива да ја декласифицира, била во врска со откривање на руски агентурни мрежи, екстремизам и финансирање на дестабилизацијата на државата? Дали е точно дека Мицкоски, иако не бил мета на следење, влетал во комуникација со лица кои имаат за цел да ја дестабилизираат државата, а биле финансирани од странски пари? Дали дел од овие финансии завршиле лично кај Христијан Мицкоски или во сефовите на Белата палата – рече Илиевски.

Основна цел на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање е да ја штитат државата од странски и домашни непријатели, додаде тој.

– Дали Мицкоски за торби парии ги продал интересите на сопствената држава на странски непријателски држави? СДСМ уште отворено и јавно ја повикува власта на чело со премиерот Христијан Мицкоски, дексласифицирајте ја документацијата, затоа што македонската јавност заслужува да ја знае вистината – рече тој.

ВМРО-ДПМНЕ: Шират гнасни и лупави лаги 

ВМРО-ДПМНЕ по ова го повика Јавното обвинителство да одговори на сите прашања на СДСМ.

„На оваа прес-конференција на СДСМ има едно логично прашање. Зошто не е уапсен? Седум години на власт, следење, подметнувања, обиди за рушење во партијата, и пак ништо. Ова се само истите глупости на СДСМ кои ги верглаа со години, а без никаков епилог. Заштитени од Обвинителството уживаат во украдените пари и шират лаги кои се гнасни и истовремено глупи“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.

„Обвинителството игра по нотите на СДСМ“

Го повикуваме Обвинителството да им одговори на СДСМ на сите прашања и да не ги штити нив и нивните структури, се додава во соопштението.

„ЈО да не дозволува свесно и намерно да се создаваат шпекулации, кои СДСМ потоа ги користи за валкана и лажна кампања против Мицкоски. Со секој изминат ден молчење, Обвинителството докажува дека игра по нотите на СДСМ и дека токму тие се главната пречка што во оваа држава нема борба против корупцијата. Тие се заштитници на СДСМ и нивните политички наредбодавци. Ги прашуваме како е можно после една година без СДСМ и ДУИ во власта, после сите докази што им се доставени и после сите афери кои се објавуваат за кои се должни да реагираат по допрен глас, Обвинителството молчи и ги штити криминалците. Еве нека почне од овие случаи кои СДСМ ги наметнува и нека почне од следењето. И нека ја истражи целата работа на сите институции под ДУИ и СДСМ и нека ги искористи доказите и дојавите од јавноста и од институциите како индиции и нека расчисти со криминалот“, побара ВМРО-ДПМНЕ.

Со молчење и со шурување со СДСМ и ДУИ, обвинителството станува дел од оската на корупција и политикантство и како и ДУИ и СДСМ, срам за државата, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

И Филипче знае дека Мицкоски бил следен

И претседателот на СДСМ Венко Филипче рече дека можеби една од причините поради кои власта се противи на декласификација на документацијата поврзана со случајот во Агенцијата за национална безбедност е стравот да не излезат на виделина информации за сомнителни странски финансиски извори поврзани со ВМРО-ДПМНЕ.

 

– Во законот јасно пишува дека дека одговорен за декласификација на документите, доколку постои сомнеж за криминал или злоупотреба, е самата институција, односно АНБ. Значи, од Агенцијата за национална безбедност и од директорот зависи дали тие материјали ќе се декласифицираат или не. Ние бараме да се декласифицираат, да видиме кои луѓе биле следени, кои групации и зошто, да видиме дали имало прекршување од кој било. Постои едно специфично прашање, а тоа е дали со тие групи кои што биле следени и биле обработувани материјали согласно капацитетот и ингеренциите на АНБ, комуницирал и премиерот и зошто комуницирал. Дали тој бил директно следен или комуницирал со некои коишто биле следени заради сомнителни активности? И тоа е исклучително прашање – рече Филипче.

Поврзани содржини