СДСМ Е ТРЕТА ПАРТИЈА ВО ЗЕМЈАТА, А ПЕТТА ВО СКОПЈЕ Филипче под менторство на Заев ја доведе на раб на исчезнување, обвини ВМРО-ДПМНЕ

Oд ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека е потребна итна оставка на Филипче и реформи во СДСМ, затоа што на Македонија ѝ е потребна вистинска, консолидирана и силна опозиција со кредибилитет.

727

Локалните избори поминаа, а СДСМ доживеа тежок историски пораз, изборно цунами кое е на праг да ја збрише од политичката сцена во државата. Некогашниот голем СДСМ и најголем политички опонент на ВМРО-ДПМНЕ, сега е веќе трета партија во државата, додека пак во ниво на град Скопје е дури петта, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

„Овој историски дебакл на СДСМ има име и презиме. Венко Филипче, што поразот го претставува како успех, под диктат на неговиот ментор Зоран Заев, партијата ја дотурка до раб на исчезнување. Многу очигледно е дека СДСМ и натаму функционира под диригенство на Заев, зошто Филипче ниту се дистанцираше од него и неговите политики, ниту покажа капацитет да ја врати партијата на вистински пат. Туку напротив, Филипче со Заев тераше луди журки во Дубаи и луксузни одмори по Халкидики. Овие изборни резултати се јасен показател дека народот ја казни оваа нивна аздисаност и безидејност. На локалните избори СДС освои 126.000 гласа и околу 230 советници, а победи само во 6 општини при што ги изгуби градовите каде што со години наназад доминираше“, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.






Оттаму додаваат дека и покрај таквиот историски пораз, во СДСМ нема реформи, а во партијата на чело со Филипче упорно се прави обид за негов спас и криење на вистинскиот виновник.

„За СДСМ веќе не се решение ниту оставките без суштина, едноставна промена на некои кадри, кои само го одложуваат неизбежното, а тоа е потребата од целосна промена во врвот на партијата, на чело со Филипче. Ова не е изборен резултат кој треба да се релативизира, а најмалку да се претставува како добар или одличен, нешто што Филипче се обидува да го направи. Затоа со него и со ова партиско раководство СДСМ ќе продолжи и понатаму да тоне“, велат од ВМРО-ДПМНЕ и нагласуваат дека е потребна итна оставка на Филипче и реформи во СДСМ, затоа што на Македонија ѝ е потребна вистинска, консолидирана и силна опозиција со кредибилитет.

Поврзани содржини