СДСМ ЌЕ СЕ СПАСУВА СО НОВИ ЛИЦА И СО НОВИ ПОЛИТИКИ? Филипче утре на 30. Конгрес ќе ги добие најблиските соработници

Пет месеци откако Венко Филипче застана на чело на партијата по катастрофалниот пораз на парламентарните и на претседателските избори на 8 мај, на утрешниот Конгрес ќе се изберат неговите најблиски соработници.

4,637

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија утре, на 30. Конгрес, ќе избере ново раководство.

Пет месеци откако Венко Филипче застана на чело на партијата по катастрофалниот пораз на парламентарните и на претседателските избори на 8 мај, на утрешниот Конгрес ќе се изберат неговите најблиски соработници. Со нив, Филипче треба да ја консолидира партијата, да го врати и обедини членството, да ја преземе улогата на главна опозициска партија и да ѝ парира на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните локални избори, за помалку од една година. Тоа ќе биде тешка задача, со оглед на опаѓачкиот рејтинг на СДСМ и растечкиот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.






– Конгресот ќе има отворен и работен дел, ќе се разговара за идните, нови политики на партијата. Се очекува да биде избрано и новото раководство на партијата, нови членови на највисоките тела, Централниот одбор и на Надзорниот одбор. На почетокот ќе има отворен дел од конгресот. Медиумите ќе имаат можност за фото и видео инсерти, а ќе може да се проследи и обраќањето на претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче. Потоа продолжува работниот дел од конгресот – информираше денеска Богданка Кузевска, портпаролка на СДСМ.

Пред изборот на членовите на партиските раководни тела, ќе продолжи отчетниот конгрес, кој почна во јуни, но беше прекинат, а на кој ќе се анализираат причините за поразот на изборите. Овој конгрес тогаш беше неуспешен затоа што раководството на СДСМ побарало повеќе време за анализа, но имаше информации дека не дошле доволно делегати.

„Најжешка“ тема на Конгресот се очекува да биде името на новиот заменик-претседател на партијата. Неизвесно е дали потпретседателот ќе биде избран утре или во наредните денови, затоа што според статутот на СДСМ потпретседателот го избира Централниот одбор, чии членови, исто така, утре ќе бидат избрани.

Потпретседател на СДСМ во моментот е Сања Лукаревска. Неизвесно е дали таа и понатаму ќе ја извршува оваа партиска функција, затоа што досега од Бихаќка не излегоа со ниту едно име. Се претпоставува дека потпретседател повторно ќе биде жена, со оглед на родовите политики на партијата.

Извесно е само дека никој од актуелните звучни имиња на СДСМ нема да биде дел од новото раководство на партијата. Повеќемина партиски функционери деновиве најавија дека сакаат раководењето на СДСМ да им припадне на нови лица.

Конгресот ќе се одржи во хотелот Александар палас.

Поврзани содржини