СДСМ ЌЕ ПОДНЕСЕ ЗАКОН ЗА ПОДДРШКА НА СЕМЕЈСТВАТА ОД КОЧАНИ ПОГОДЕНИ ОД ТРАГЕДИЈАТА Филипче вели дека вакви решенија има и во странство
Целта е да им се помогне на семејствата полесно да ги пребродат тешките моменти и трошоците што произлегуваат од трагедијата. Дополнително, ќе се понуди финансиска поддршка за зајакнување на системите таму каде што е потребно, нагласи лидерот на СДСМ велејќи дека законот е изработен по пример на практики од повеќе земји во светот кои реагирале со слични мерки по големи несреќи.
Пратеничката група на СДСМ подготвува специјален Закон со кој ќе се обезбеди конкретна и директна поддршка за семејствата погодени од трагедијата во Кочани. Законот, кој ќе биде поднесен до Собранието следната недела, е изработен по пример на практики од повеќе земји во светот кои реагирале со слични мерки по големи несреќи.
Како што истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче во интервју за вестите на ТВ Алсат М, законот предвидува финансиска и институционална помош за семејствата на настраданите, како и дополнителна поддршка за оние кои имаат повредени членови.
– Целта е да им се помогне на семејствата полесно да ги пребродат тешките моменти и трошоците што произлегуваат од трагедијата. Дополнително, ќе се понуди финансиска поддршка за зајакнување на системите таму каде што е потребно – нагласи Филипче.
СДСМ останува отворен за дискусија за сите прашања поврзани со случувањата, но инсистира на објективност и одбива какви било обиди за политички конструкции и лични дискредитации.
Во однос на денешниот протест на родителите на загинатите деца во трагедијата, што се одржа пред Собранието, претседателот на СДСМ нагласи дека средбата со нив била остварена на нивно барање, без политичка заднина.
Запрашан за тоа со кои од партиите од албанскит блок СДСМ би можел да соработува на претстојните локални избори наесен Филиопче само рече дека соработка ќе има со оние партии кои делат исти вредности и принципи и со кои СДСМ побрзо би можел да ги исполни ветувањата кон граѓаните.
– Во моментов ние немаме официјална коалиција со ниту една политичка партија од албанскиот блок, но денеска на Централниот Одбор на партијата согласно правилникот и роковникот кој ќе го донесеме за локалните избори се очекува партијата да ме овласти за разговори за коалиции. Потврдена е нашата коалиција во кој сме сега 16-17 партии и почнуваме процес на идентификување нови за локалните избори се разбира и во албанскиот блок – рече лидерот на СДСМ.