СДСМ ЌЕ ГИ МЕНУВА СОВЕТНИЦИТЕ НА СЕКОИ 2 ГОДИНИ Филипче сака да предложи систем на ротација и кодекс на однесување
Дел од досегашните советници не си ги исполнуваа обврските, а некои дури и соработуваа со градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ водени од лични интереси. Тоа повеќе нема да се толерира. Кодексот ќе биде обврзувачки, а за негово прекршување ќе следуваат санкции, истакна лидерот на СДСМ Венко Филипче.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави конкретни внатрепартиски промени во начинот на избор на кандидати за градоначалници и советници на претстојните локални избори.
– Ќе предложам модел каде советниците ќе ротираат, односно ќе имаат мандат од две години, по што следните на листата ќе влегуваат во советот. Со тоа ќе овозможиме двојно повеќе наши другари и другарки да бидат дел од советничкиот состав во текот на четиригодишниот мандат. Сметам дека тоа е фер и создава простор за поголема вклученост – изјави Филипче на состанокот со Општинската организација на СДСМ Аеродром.
Најави и воведување на нов кодекс на однесување што ќе мора да го потпишат сите советници.
– Дел од досегашните советници не си ги исполнуваа обврските, а некои дури и соработуваа со градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ водени од лични интереси. Тоа повеќе нема да се толерира. Кодексот ќе биде обврзувачки, а за негово прекршување ќе следуваат санкции – порача тој.
Во врска со изборот на кандидати, Филипче потенцираше дека одлучувачката улога ќе ја имаат локалните организации.
– Вие најдобро знаете кој има капацитет и доверба кај граѓаните. Немам намера да наметнувам, туку да слушам – додаде тој.
Осврнувајќи се на актуелната локална власт во општина Аеродром, лидерот на СДСМ истакна:
– Се чудам како ВМРО-ДПМНЕ повторно го предлага актуелниот градоначалник на Аеродром. Според мене, полош градоначалник оваа општина досега немала – заклучи Филипче.