СДСМ ЌЕ ЈА ДОЖИВЕЕ СУДБИНАТА НА ПАРТИЈАТА НА ЃИНЃИЌ? Само брзи избори ќе ја спасат партијата од катастрофа
Не е битно дали ќе имаме техничка влада или веднаш ќе се оди на избори, бидејќи СДСМ не може да се надева на победа. Но, доколку изборите се одржат по 6 или 12 месеци, токаш оваа партија би можела да ја доживее судбината на Демократска странка во Србија и во иднина да стравува дали ќе го помине изборниот праг, вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.
Меѓународниот Републикански Институт (ИРИ), вчера ги објави резултатите од спроведената анкета, со која се потврдува опозициското расположение кај електоратот во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ располага со поддршка од 20 отсто, додека СДСМ падна на 16 отсто.
Анкетата е правена во периодот од 27 ноември до 23 декември во 2021 година, што докажува дека и по завршувањето на локалните испори, на кои владејачката партија доживеа голем пораз, рејтингот на најголемата опозициска партија продолжува да расте. Нормално дека во ваква ситуација, прашањето дали на Македонија ѝ се потребни предвремени избори, се наметнува како логично.
Од СДСМ веќе пет месеци со индигнација одбиваат било каква дебата за предвремени избори, а за резултатите од конректната анкета од партијата порачаа дека не се релевантни, бидејќи според нив, во Македонија сега имаме нова политичка реалност.
„Во периодот од изминатите 4 месеци, имаме сосема поинаква политичка реалност, нова влада којашто е избрана во јануари, со нов премиер, зголемено паралемнтарно мнозинство и многу други фактори кои се променети по ова истражување, а силно влијаат на перцепциите. Оттука, цениме дека објавувањето на резултатите од анкетата создава погрешна перцепција кај граѓаните, како за рејтинзите на политичките партии, така и во однос на другите теми и прашања од истражувањето“, порачаа од СДСМ.
Сепак, со ставот на СДСМ не се сложуваат нашите соговорници, кои сметаат дека само брзи избори, ќе можат оваа партија да ја спасат од катастрофа.
Владата наскоро ќе падне?
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски е сигурен дека актуелната Влада наскоро ќе падне, како резултат на економското цунами предизвикано од геополитичките случувања во Европа, но и неспособноста на нашата власт да донесе било какви мерки, со кои ќе се ублажат последиците од кризата.
– Ако знаеле дека ќе има војна, тогаш зошто не се подготвиле за тоа? Гледаме дека земјите од регионот на различен начин од нашата се справуваат со кризата – за Плусинфо вели Пекевски.
Тој додава дека многу бргу Владата ќе биде соочена со социјален бунт на граѓаните и ќе биде приморана да отстапи пред барањата на мнозинството, а предупредува дека СДСМ би можела да заврши као партијата на поранешниот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ.
– Не е битно дали ќе имаме техничка влада или веднаш ќе се оди на избори, бидејќи СДСМ не може да се надева на победа. Но, доколку изборите се одржат по 6 или 12 месеци, тогаш оваа партија би можела да ја доживее судбината на Демократска странка во Србија и во иднина да стравува дали ќе го помине изборниот праг – додава Пекевски.
Чесен пораз или катастрофа со драматачни последици?
Владимир Божиновски од Иститутот за политички студии од Скопје (ИПИС), за Плусинфо посочи дека уште еднаш е потврдена тенденцијата кај бирачите, за широка поддршка на опозицијата.
– Кога рејтингот на една владејачка партија ќе почне да опаѓа, тогаш сè што може да се направи во таква ситуација е да се сопре или да се забави падот. Но такви политики кај СДСМ не гледаме во моментов. СДСМ е во континуиран пад од предминатите локални избори, кога го остварија најдобриот резултат. Тие се дел од „Франкенштајн-влада“, која е тотално неспремна за економската криза, која од ден во ден ќе се влошува и ќе го намалува стандардот на граѓаните. Со брзи избори од СДСМ ќе се соочат со чесен пораз, но за 6 или 8 месеци ќе доживеаат драматичен пораз со катастрофални последици по партијата – вели Божиновски.
Тој смета дека најдобро за државата во моментов би било да се формира техничка влада, која ќе биде поддржана од сите партии во Собранието, со цел да се создадат услови за подобро и поефикасно справување со последиците од кризата.
Довербата во владеењето на правото е на историскиот минимум
Од ВМРО-ДПМНЕ постојано испраќаат соопштенија дека на земјата ѝ се потребни брзи, предвремени избори, а сега во изјавата за Плусинфо, тие додаваат дека бројките никогаш не биле толку лоши кога е во прашање рејтингот на една владејачка партија.
„Анкетата на американскиот институт ИРИ е направена по локалните избори што потврдува дека народот е незадоволен од општата власт и бара промени. Би напоменале дека од времето на правење на анкетата до денес не се случија никакви изненадувања од страна на Владата кои би биле прифатени позитивно од народот што значи дека состојбите се уште полоши. И тоа не се отсликува само со значајна предност на рејтингот на ВМРО ДПМНЕ, а намалување на СДСМ туку и другите бројки од истата анкета се лоши за Владата и за државата и го отсликуваат незадоволството на народот. Само 18% сметаат дека Македонија се движи во позитивна насока. И само 5% позитивно одговориле дека во Македонија има владеење на правото што е апсолутен историски минимум. Затоа потребни се избори на кои треба да се гледа како на решение на општиот хаос кој владее во државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Тековниот модел не може да ја издржи кризата
Од Левица сметаат дека новата влада е продолжување на старата и затоа населението е негативно расположено и е наклонето кон предвремени избори.
– Сега, во време на тековната европска криза, кога верижно се надополнуваат непосредни предизвици, нам навистина не ни е потребно опстојувањето на овој собраниски состав кој овозможува во кризни времиња, да владее коалиција која има озбилни дамки на човечки трагедии позади нив. Тековниот економски модел на СДСМ не може да ја издржи општата криза во која се наоѓаме, на што дополнително се надоврзува сеопфатна корупција како носечка одлика на мнозинството. Не се работи веќе за политичкиот легитимитет на Владата – кој не постои, туку за социјалниот интегритет на населението на кое му се заканува опасно загрозување. Во интерес на разумот потреби се предвремени избори – тврди портпаролот на Левица, Амар Мециновиќ.