„СДСМ, ДУИ И ЛЕВИЦА НЕ ИЗВЛЕКОА ПОУКА“ На 19 октомври, број 9 е избор за иднината на Македонија, порача Мицкоски

Мицкоски од Зелениково порача дека СДСМ, ДУИ и Левица не извлекле поука од поразот и дека на 19 октомври граѓаните ќе изберат меѓу минатото и иднината на Македонија.

295

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вечерашниот митинг во Зелениково изјави дека политичките противници СДСМ, ДУИ и Левица не извлекле поука од поразот на минатите избори и останале, како што рече, „заробени во минатото“, додека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нудат реформска политика, развој и напредок на државата.

– Политичките противници не извлекоа резултати од претходните избори и продолжија по старо. Така се однесуваат и во оваа кампања — со ниски страсти и црна пропаганда. Од првиот ден почнаа со напади врз мене, врз луѓето од раководството и врз нашите кандидати – изјави Мицкоски.






Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потсети дека еден од членовите на СДСМ во јавноста изнел морбидна објава, што тој ја оцени како „пример за падот на политичката култура кај владејачките партии“.

– Еден од перјаниците на СДСМ денеска напиша дека голем штос во оваа кампања би било да го најдат исецкано моето тело во куферите кои некои се обидоа да ги постават кај штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Такви изјави покажуваат колку ниско може да падне човек кој нема визија, ниту идеи – рече Мицкоски, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи граѓаните да се одвлекуваат од реалните проблеми.

Мицкоски порача дека на претстојните избори граѓаните ќе избираат меѓу две јасни опции – „старата коалиција на СДСМ, ДУИ и Левица“ и „коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со народот“.

– Секој што мисли дека постои трета опција се лаже. Од едната страна имаме полуформална коалиција СДСМ, ДУИ и Левица, група која се обедини само за да остане на власт и да живее на грбот на граѓаните. Од другата страна сме ние, ВМРО-ДПМНЕ и народот, кои работиме чесно и напорно, со јасна цел, напредок на Македонија – истакна премиерот.

Тој нагласи дека изминатите 15 месеци Владата покажала дека може да решава децениски проблеми и да ги реализира ветувањата.

– Има политичари кои живеат од Македонија, и политичари кои живеат за Македонија. Јас и мојот тим сме во оваа борба за граѓаните и иднината на нашата држава – додаде тој.

На крајот од митингот, Мицкоски ги повика граѓаните да гласаат за број 9 на гласачкото ливче, нагласувајќи дека тоа е избор за „јасен план и визија за развој на Македонија“.

– Ќе избереме, дали сакаме да се вратиме назад со Венко, Димче и Ахмети, или ќе продолжиме напред со ВМРО-ДПМНЕ, која има јасна визија и план како да се бори за секое семејство и секој млад човек. На 19 октомври гласаме за број 9 – заклучи Мицкоски.

Вечерва коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ одржува митинзи и во Центар и Кисела Вода, како дел од изборната кампања.

Поврзани содржини