СДСМ БАРА ВЛАСТА ДА ГО СТАВИ ВО РЕДОВНА ПОСТАПКА ЗАКОНОТ ЗА УНГАРСКИОТ КРЕДИТ Филипче се сомнева во корупција
Според Филипче измените на Законот за бранителите воопшто немаат димензија на некоја меѓуетничка поделба или подгревање на меѓуетнички тензии
СДСМ кој ја води Комисијата за финансирање и буџет нема да го стави на расправа Законот за задолжување од унгарската експорт – импорт банка, соопшти денеска лидерот на партијата Венко Филипче.
– Ја повикуваме власта да се вразуми, да го повлече Законот и да го стави во редовна процедура. Да организираме јавна експертска дебата, а законот да ги помине сите филтри. Да се прецизира секој аспект на задолжувањето, да се расчистат сите дилеми и да се гарантира дека граѓантие ќе бидат заштитени. Доколку ова не го направи ВМРО-ДПМНЕ тогаш јасно потврдува дека има сосема други скриени намери на кои предупредувавме – рече Филипче.
Според него, срамно и недозволиво овој закон да се донесе во скратена постапка.
СДСМ бара да се свика јавна расправа на која ќе учествуваат експерти и стручната јавноста, за граѓаните да може да слушнат каков закон се планира и кои ќе бидат последиците од ова задолжување.
– Ако го поминете законот вака, на чело ќе си ја напишете сами на себе корупцијата која ja правите. Немате оправдување за овој начин на носење на законот освен да ја скриете вистината и корупцијата која ja спремате – додаде Филипче.
Како што претходно изјави премиерот Христијан Мицкоски, претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Сања Лукаревска, денеска не го ставила Законот на дневен ред на седницата на Комисијата.
Според него измените на Законот за бранителите воопшто нема димензија на некоја меѓуетничка поделба или подгревање на меѓуетнички тензии. Тој порача дека законските измени се со цел да се излезе во пресрет на реалните потреби на луѓето, односно, сè што може да направат во интерес на граѓаните, ќе продолжат да го прават и дека се подготвени да разговараат за сите аспекти на законот.
-Можеме да отвориме дебата на парламентарната комисија, меѓу парламентарните групи и да видиме дали треба некој дополнителен чекор, да се задоволат и некоја друга категорија на граѓани. Стоиме на тоа да ги задоволиме потребите на граѓаните – дециден е Филипче, додавајќи дека ги почитуваат реакциите на јавноста.
Тој ги демантира тврдењата на премиерот Христијан Мицкоски дека пратениците на СДСМ вчера излегле кога требало да се гласа дневниот ред на седницата, на која што беше ставен и овој закон и вели дека пратеничката група на СДСМ била присутна во собраниската сала.