Синоќа во Чаир се случи уште едно пукање. Со дури четири прострелни рани, тешко е повредено младо момче од 19 години, кое се бори за живот. Ова е втор пат за 1 месец млад човек да биде жртва, во септември исто така од пукање беше повредено уште едно младо момче. Состојбата со безбедноста на улиците е алармантно влошена. Тоа е учинокот на Владата на Мицкоски во изминатите 100 дена, реагираше СДСМ на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Со Тошковски и со ВМРО-ДПМНЕ улиците станаа Див Запад, пукање има речиси секој ден, на секој чекор. Криминалните пресметки се во голем пораст, наместо ред и поредок се случува хаос. Неказнивоста и неефикасноста на МВР е празник за криминалците кои немаат страв од Тошковски и прават што сакаат.
Со Тошковски на чело на МВР досега има над 20 случаи на употреба на огнено оружје или остар предмет, околу 10 убиства и обиди за убиства .Криминалците не се плашат од Тошковски, тој не може ниту полицајците да ги заштити“, се наведува во соопоштението.
Од СДСМ велат дека после „сите скандали, после сите овие убиства, пукања, криминални пресметки без разрешница, Мицкоски веќе требаше да реагира и да го смени Тошковски, но очигледно го штити“.