СДСМ БАРА ДА ПРОДОЛЖИ ДИЈАЛОГОТ СО ВМРО-ДПМНЕ Ковачевски свикал седници на Централниот и на Извршниот одбор на партијата
Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски за утре свикал седници на Централниот и на Извршниот одбор на партијата.
– По вчерашната средба имаме нови околности на политичката сцена и токму тие нови околности се повод за свикување на Извршниот и на Централниот одбор а секако дека тема ќе бидат начинот и формата со која што понатаму ќе продолжат преговорите со ВМРО-ДПМНЕ – изјави портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска денеска на прес-конференција.
Претходно, Кузеска повтори дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ де факто го промениле ставот, односно „прифатија уставни измени и учество во Влада за европска иднина на паритетна основа, со ист број на министри“.
– Дури и условот ДУИ да не биде дел експресно беше прифатен од страна на ДУИ, само да не се измислуваат нови и нови услови. Од друга страна прифатено е барањето измените на Уставот да важат одложено, односно од денот на одржувањето на втората меѓувладина конференција. Барањето за избори што понатаму ќе ги спроведе заедничката влада исто така е прифатено – рече Кузеска.
Таа додаде дека сега врз основа на новите околности на политичката сцена потребно е дијалогот да продолжи.