СДСМ ЈА ПОПРЕЧУВА ПРАВДАТА ВО СЛУЧАЈОТ КОЧАНИ Владата работи посветено и им излегува во пресрет на луѓето
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ праша зошто СДСМ не беа гласни за случаите кои требаше да се разрешат во време на претходната влада.
СДСМ уште еднаш покажа дека нема никакви граници кога станува збор за популизам. Уште од првиот ден се обидува да ја попречи истрагата за пожарот во Кочани преку политички спинови и прес-конференции на денот на трагедијата, обвинува владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
-Каде беше СДСМ кога требаше да се обезбедат безбедносни стандарди и протоколи? Каде беа кога (Оливер) Спасовски го претвори МВР во институција што повеќе прикрива, отколку што открива криминал? Зошто молчеа кога (Венко) Филипче беше изземен од одговорноста за модуларната болница? За модуларната им беше крив кабелот, па потоа за Дурмо турс – шоферот. Зошто тогаш не беа олку гласни? Или за Беса транс? СДСМ не се бореше вака за ниту една од тие трагедии, што и понатаму го поткрепува фактот дека се што прават е само обид за политички поени – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Сега институциите функционираат, велат од партијата.
-МВР обезбеди клучни докази кои веќе се во рацете на ЈО. Во услови на политички притисоци и обиди за манипулација со јавноста, МВР не се впушти во празни изјави, туку се фокусираше на својата суштинска улога – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Владата на ВМРО-ДПМНЕ, додаваат, направи избор да се фокусира на граѓаните.
-Одлуката Пониква да се претвори во простор за рехабилитација на повредените е пример за институционална емпатија и грижа. Владата не останува само на декларативни заложби, туку обезбедува реални услуги како што се медицинска грижа, психолошка поддршка, социјални работници и бесплатно сместување – велат од владејачката партија.