САУДИСКА АРАБИЈА ГИ ПОТВРДИ НАПАДИТЕ ВРЗ СВОИТЕ ПОСТРОЈКИ ЗА НАФТА И ЗА ГАС Производството е значително намалено, за 1,3 милион барели дневно
Загубите од иранските напади врз гасоводот Исток-Запад се проценуваат на приближно 700.000 барели дневно, а нападите врз другата инфраструктура го намалија капацитетот за околу 600.000 барели дневно.
Саудиска Арабија ги потврди нападите врз своите нафтени и гасни постројки, вклучувајќи го и клучниот гасовод Исток-Запад, кој е алтернатива за Ормускиот Теснец. Во нападите, еден саудиски државјанин е убиен, а седум други се ранети, објави државната Саудиска новинска агенција (СПА) во четврток, повикувајќи се на неименуван функционер од Министерството за енергетика,.
Извештајот на СПА не го наведува точниот датум на нападите, но истакнува дека тие значително влијаеле врз производството и транспортот на нафта. Загубите од нападите врз гасоводот Исток-Запад се проценуваат на „приближно 700.000 барели дневно“.
Нафтеното поле Манифа исто така беше погодено, намалувајќи го капацитетот за околу 300.000 барели дневно, а претходниот напад врз објектот Хураис го намали капацитетот за уште 300.000 барели дневно, што резултираше со вкупно намалување од околу 600.000 барели дневно.
Нападите, исто така, влијаеја на големите рафинерии, вклучително и во Џубаил, Рас Танура, Јанбу и Ријад.
Потврдата дојде откако вчера се појавија сателитски снимки од Европската вселенска агенција кои покажуваат големи облаци од густ црн чад што се издигаат над објектот Абкаик на Сауди Арамко.
Сликите се направени околу 10 часот наутро по локално време на 8 април, само неколку часа откако американскиот претседател Трамп објави двонеделен прекин на огнот меѓу САД и Иран.
Амена Бакр, аналитичарка на платформата за податоци Kpler, рече дека нападите „би можеле да го зголемат вкупниот пад на снабдувањето во регионот на Заливот на 12,1 милиони барели дневно“.
Таа додаде дека земјите од Заливот во голема мера се воздржани во последните недели да го откријат точниот обем на штетата предизвикана на нивните објекти од иранските напади.
– Гасоводот Исток-Запад беше клучен за заобиколување на блокираниот Ормуски Теснец. Покрај тоа, не гледаме никакво подобрување на протокот низ теснецот – рече Бакр.
Објектот Абкаик во Саудиска Арабија е најголемиот објект за стабилизација на сурова нафта во светот и обезбедува околу 5% од глобалното снабдување со нафта. Тој е, исто така, почетна точка за нафтоводот Исток-Запад, долг 1.200 километри.
Овој цевковод е еден од двата во регионот што овозможуваат избегнување на Ормускиот Теснец, каде што воените настани во Иран предизвикаа значителни трговски прекини.
Од почетокот на американско-израелската војна со Иран, Саудиска Арабија беше нападната од стотици ирански ракети и беспилотни летала, од кои повеќето беа пресретнати, велат официјални лица.
Саудиска Арабија, најголемиот извозник на нафта во светот, игра централна улога на глобалните пазари, а продолжените прекини би можеле да доведат до недостиг и флуктуации на цените.
Саудиски медиуми јавија дека значителен дел од оперативните и итни резерви на државата веќе се исцрпени, ограничувајќи ја нејзината способност да го надомести недостигот.