Претседателот на Европскиот парламент Дејвид Сасоли повика на земјите од Западен Балкан да им се дозволи пристапување кон Европската унија, нарекувајќи го проширувањето „позитивен проект за мир и просперитет“, јави ДПА.
– Проширувањето може да донесе огромни придобивки и за регионот и за Европа како целина и да помогне да се обезбеди стабилен, просперитетен и мирен континент – изјави Сасоли за „Фанке Медиенгруп“ (Funke Mediengruppe).
Според него, темпото ќе зависи од исполнувањето на пристапните критериуми.
– Сè уште треба да се спроведат реформите во секоја од овие земји – рече Сасоли, додавајќи дека „Европската унија исто така мора да ги исполни своите ветувања и да го признае напредокот“.
ЕУ веќе води преговори за пристапување во Унијата на Црна Гора и Србија, додека Албанија и Северна Македонија се официјални кандидати, а Босна и Херцеговина, како и Косово, се сметаат за потенцијални кандидати за преговори, пишува ДПА.