САШКО ЈОВЕВ НЕМА ДА ОПЕРИРА ВО „РЕ-МЕДИКА“ Јорданова потврди дека ќе отвора кардиоваскуларно одделение ама засега не бара персонал

Јас бев во комисија од Министерството за здравство за отворање сала и проширување на „Ре-медика“. Се работи за нова васкуларна сала која ќе биде максимално опремена за големи васкуларни процедури за васкуларна хирургија. Инаку не го напуштам јавното здравство ниту мојата клиника и не одам во болницата „Ре-медика“, вели Јовев за Плусинфо демантирајќи дека тој ќе биде главен играч во идното одделение на болницата заедно со двајца кардиохирурзи од Србија.

1,386

Не го напуштам јавното здравство и не одам во „Ре-медика“, вели за Плусинфо кардиохирургот д-р Сашко Јовев по вчерашните написи дека тој е можниот главен играч во новото одделение кое е планирано да се формира во оваа приватна болница.

Како што објави Плусинфо вчера, приватната општа болница „Ре-медика“ од Министерството за здравство побарала да се утврдат услови за проширување на дејноста на установата со воведување одделение кардиоваскуларна хирургија како специјалистичко-консултативна и болничка дејност. Министерството за здравство кон крајот на март годинава формирало Комисија за оценка за капацитетите на „Ре-медика“. Решението за формирање таква Комисија е потпишано од министерот за здравство Илир Демири.






Плусинфо вчера објави дека тоа што Јовев е дел од Комисијата за оценување на капацитетите на ПЗУ „Ре-медика“ што ја формирало Министерството за здравство може да претставува конфликт на интереси доколку Јовев стане дел од новото одделение.

Тој за Плусинфо вели:

– Јас бев во комисија од Министерството за здравство за отворање сала и проширување на „Ре-медика“. Се работи за нова васкуларна сала која ќе биде максимално опремена за големи васкуларни процедури за васкуларна хирургија. Инаку, не го напуштам јавното здравство ниту мојата клиника и не одам во болницата „Ре-медика“.

Генералната директорка на болницата Елица Јорданова исто така демантираше дека шеф на одделот ќе биде кардиохирургот Сашко Јовев.

Јорданова за Плусинфо вели дека „Ре-медика“ нема потреба од нов персонал и дека болницата е свесна за законските ограничувања кога станува збор за членови на Комисијата.

– Јовев нема да биде во врвот на одделението. Ние ги исполнуваме условите. Немаме намера за примање и немаме потреба од проширување со персонал. Бројот на кревети е ограничен. А најмалку смееме да примаме членови од Комисијата. Тоа што беше објавено во медиумите е само дел од решението. Тој нема да оперира овде. Ако не ја знаеме регулативата, само ќе си наштетиме – изјави Јорданова.

Во однос на тоа дека уште двајца кардиохирурзи од Србија ќе бидат во новото одделение за кардиоваскуларна хирургија таа вели:

– Сите што се во „Ре-медика“ се Македонци. Македонија има лиценцирани кардиохирурзи. Постои и документација на Министерството, Јовев го нема персоналот.

Во Комисијата за испитување на капацитетите на „Ре-медика“ формирана од Министерството за здравство, според документите во кои Плусинфо имаше увид, членуваат д-р Арсим Агуши како координатор и д-р Даница Стевковска од Министерството за здравство, д-р Никола Граматиковски и д-р Горан Кондов од Клиниката за торакална и васкуларна хирургија и д-р Злате Шуплиноски.

Во врска со оваа тема Плусинфо постави прашања и до министерот за здравство Илир Демири. До објавувањето на овој текст од него не добивме одговор.

Македонија во овој момент има три одделенија за кардиоваскуларна хирургија, меѓу кои првото одделение отворено во приватната болница „Жан Митрев“, одделението во ПЗУ „Ацибадем Систина“ и Клиниката за државна кардиохирургија, каде д-р Сашко Јовев беше и директор.

Јовев во мај 2020 година беше предводник на тимот кардиохирурзи коишто ја направија првата успешна трансплантација на срце од починат донор на Клиниката за кардиохирургија.

 

Поврзани содржини